| четврток, 6 декември 2018 |

Пишев: Заев по налог на неговиот папа заборава сè што ветил

pisevДа ја тргнеме Струмица од рацете на Бранко Црвенковски и неговиот послушник Зоран Заев, вака синоќа доверба од своите сограѓани за претстојните локални избори побара кандидатот за градоначалник на Струмица од владејачката коалиција, Васил Пишев.  Тој истакна дека им дошол крајот на проектите што Заев ги спровел со лаги и манипулации.

– Го видовте сите вистински лице на Заев, кога по налог на неговиот папа Црвенковски, за една секунда ги заборави сите негови ветувања. Па, без да му трепне око, побегна од избори. Каде му беше тогаш грижата за граѓаните? Побегна зошто Бранко во фиока ги крие сите негови матни зделки. Затоа не побегнав јас кога ме одвраќаа од кандидатурата. Не се уплашив затоа што никому не должам ништо. Сѐ што сум постигнал било со работа и чесност – порача Пишев.

Кандидатот на владејачката коалиција пред големиот број граѓани порача дека во Македонија ќе владее демократија и дека Струмица во демократски услови ќе избере градоначалник.

– Додека ние ги посетувавме граѓаните и зборувавме за проектите и за проблемите, Зоран Заев го уриваше Собранието, ја кодошеше Македонија во светот, ги слушаше лагите на Бранко. Ние во Струмица велиме „Акалот го лаже, нема кој да му каже“. Народот ќе му каже на 24 март. Заев нема проекти и програма, пред граѓаните излегува со лаги дека ќе изгради 3 индустриско зони, лаже дека ќе вработи 3.000 луѓе. Тој мисли дека струмичани заборавиле како тој лажеше за американска инвестиција. Каде е тој американски газда, Зоране, каде се 1000 информатичари кои ќе ги вработеше? -запраша противкандидатот на Заев, Васил Пишев.

Кандидатот на владејачката коалиција обвини дека Заев нема проекти, а ги спомна и неговите закани за пукање и „Живи луѓе ќе јадеме“. На таков човек, рече Пишев, никој не му се плаши, ама никој и не му верува.

– Јас во оваа битка влегов со единствена цел – да направам нешто добро за моите сограѓани. Мене не ми треба ништо, семејството ме поддржува во сѐ. Јас немам намера да се преправам дека сум некој друг. Јас не се срамам од своето потекло, сите беа занаетчии кои никогаш не посегнале по ништо туѓо. Јас сакам доброто за Струмица да го направиме заедно – истакна тој.

Гасификацијата на Струмица, подобрена инфраструктура, инвестиции, намалување на невработеноста….Ова се само дел од приоритетите на Пишев за Струмица. Тој вети добра грижа за земјоделците, изградба на три нови булевари, нови училишта и градинки, паркови и пензинерски катчиња, културни и спортски објекти, споменик на Гоце Делчев и Меморијален центар на Гоце Арнаудов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top