| четврток, 6 декември 2018 |

Раул Гонзалес: Подготвени сме за два бода против Монпелје в сабота

По зимската пауза во Лигата на шампионите поради Светското првенство во Катар, РК Вардар в сабота на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ ги продолжува натпреварите во рамките од деветтото коло од групата Ц против лидерот во француското првенство, екипата на Монпелје.
Остануваат уште два меча од групната фаза, па натпреварот со Монпелје е од големо значење за „црвено-црните“ бидејќи со евентуален позитивен резултат остануваат во борбата за второто место, кое носи и условно полесен противник и предност на домашен терен во осминафиналните натпревари.

Vardar rakomet pres 01 (Custom)

Капитенот на екипата Филип Лазаров е оптимист пред мечот, но предупредува дека во него мора да се влезе максимално ангажирано и борбено од првата минута.

– В сабота нѐ очекува тежок натпревар. Монпелје е квалитетен противник кој е на самиот европски врв. Лидер е во Франција, која ја има втората најсилна лига во Европа. Квалитетот го покажаа со двете победи на гостински терен против Целје и Чеховски Медведи, а играа рамноправен натпревар со Веспрем во Унгарија. Тоа покажува дека мора да одиграме најдобро што знаеме и умееме за да можеме да стигнеме до посакуваниот резултат. Имаме неколку играчи кои имаат ситни повреди, но се надевам дека до сабота сите ќе бидат максимално подготвени и ќе излеземе на теренот со најсилниот состав – изјави Филип Лазаров.

Vardar rakomet pres 2 (Custom)

Шпанскиот тренер на клупата на Вардар, Раул Гонзалес, посакува со победа да се продолжи низата од добри резултати и да се зачува второто место во групата пред најважниот натпревар, тој со Рајн-Некар Левен.

– Играме многу важен натпревар во борбата за второто место. Со евентуална победа ќе ги зачуваме шансите за тоа. Монпелје е фантастична екипа. Играат брз ракомет и често менуваат во одбраната, што нам ни создава проблеми. Сепак, комплетни сме, работевме квалитетно во претходниот меч и подготвени сме за предизвикот што го носи саботниот натпревар. Првиот меч беше премногу брз, па заврши со резултат 34-34, тоа се премногу голови, овојпат ќе треба да се сменат некои работи, за да се спушти границата на примени погодоци. Отсуството на Гребеј е проблем за Французите, но е добро за нас. Тие имаат голем број квалитетни играчи за да го покријат неговото отсуство, ќе видиме на теренот како сето тоа ќе изгледа – изјави Раул Гонзалес на денешната прес-конференција.

Гонзаес ги обелодени имињата на играчите што се жалат на мали повреди. По трите натпревари одиграни во СЕХА-лигата, Прибак, Тоскиќ, Дујшебаев и Марковиќ пропуштија неколку тренинзи неделава, но тој се надева дека до сабота сите ќе бидат во добра форма и во комплетен состав ќе истрачаат во „Јане Сандански“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top