Металург го доби големото дерби против Вардар, од 21. коло во Првата македонска фудбалска Лига, со 3-2, а натпреварот изобилуваше со пресврти и возбудливи моменти.
Стадионот на „Железарница“ останува бедем што тешко се освојува за Вардар, кој го продолжи 7-годишниот пост, без победа нагости кај Металург.
Домаќините доминираа речиси во две третини од мечот, поведоа во првиот дел со голот на Радевски, но Вардар во период од 15-на минути, покажа зошто е шампион. Со гол од пенал во 72 минута на Остоја Стјепановиќ и 9. минути подоцна со погодок на Аце Стојков, „црвено-црните“ направија пресврт.
Клучен момент беше исклучувањето на напаѓачот Јован Костовски и мудриот потег на двоецот Захариевски-Васоски. Тие го надмудрија тренерот на Вардар, Никола Илиевски Џиџи, му дадоа шанса на младиот Марко Симонвоски, а засилувањето од Напредок, со два гола возврати за довербата. Симоновски стрелаше прецизно во 88. и 90. минута, за голема победа на Металург. На крајот и тој поради два жолти картони, мораше предвреме во соблекувалната, но немаше време за нов пресврт и евентуално реми за Вардар.
Хоризонт Турново не успеа да го искористи киксот на Вардар, за да му се приближи на врвот, откако денеска одигра натпревар без голови, на гостувањето против Напредок во Кичево.
На останатите средби, и Пелистер со пресврт во второто полувреме, дојде до победата против Силекс со 2-1, а со идентичен резултат, Шкендија ја победи Дрита. Вчера, Работнички минимално со 1-0, го надигра Тетекс.
Табела: Вардар 42 бода, Хоризонт Турново 39, Металург 35, Напредок 35, Работнички 30, Шкендија 29, Брегалница 28, Ренова 28, Пелистер 24, Дрита 24, Силекс 18, Тетекс 13 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.