
Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Во текот на Граѓанската војна во САД, во 1863 година, Абрахам Линколн, тогашниот претседател на Америка, го испорачал еден од најпознатите говори во историјата на политика – т.н. Gettysburg Address. Во последната реченица од говорот, кој е насочен кон ставање примат на еднаквоста меѓу граѓаните и заштитата на слободата на федерацијата, тој истакнува дека никако не смее да се дозволи исчезнувањето на „владата на народот, од народот, за народот“. Денес, за среќа, во најголемиот број држави на светот постои висок степен на заштита на граѓанските права и слободи, почитување на рамноправноста и практикување на демократските вредности, а истите целосно се заштитени со нивните највисоки правни акти. И Република Македонија припаѓа во онаа категорија држави за кои сме уверени дека постои соодветно ниво на политичка култура и каде што владеењето на правото и на слободните пазарни законитости се наоѓаат во основата на уставниот поредок и функционалниот општествен поредок.
Единствено, народот, преку легален и демократски изборен процес, е тој што го има правото да одлучува, особено во давањето одговори на прашањата на кого ќе му ја довери власта, кој ќе ја води земјата, кој ќе ги донесува најзначајните политички, економски и други суштински одлуки и кој го има оригиналното право да се спротивстави на кое било отворено меѓународно влијание во таквите демократски процеси. Тоа особено, бидејќи секое надворешно влијание и несоодветно вмешување во разрешувањето определени внатрешни прашања во една држава самото по себе е антидемократски чин, кој во никој случај не би смеел да биде дозволен бидејќи се заканува да ја отвори Пандорината кутија, да ја зголеми неизвесноста и да ја загрози развојната перспектива на државата.
Активното и пасивното право на глас спаѓаат во категоријата индивидуални граѓански права и слободи, кои, во согласност со уставот и со законите, му припаѓаат на секој поединец и независно од влијанието, моќта и средствата со кои располагаат институциите на системот никој не би смеел тоа право и слобода да му ги одземе на граѓанинот. Токму во рамките на овој дел, практично од примената на наведените тези, поради постоење основани сомневања дека одредени странски фактори, надвор од дипломатската практика, преземале сериозни противправни активности против интересите на државата, се роди и идејата за Граѓанската иницијатива за одбрана на Македонија. Во овој момент, алтернативниот избор е непостоење интерес за заштита на потенцијалното нарушување на институционалната сигурност, интегритетот на целокупниот демократски систем, одбраната, безбедноста и мирот во нашата земја. Зар не е наша обврска, како граѓани, цврсто да застанеме во одбрана на сите обиди за разнебитување на уставниот поредок, општественото уредување и основните права и слободи на граѓаните, како однатре, така и однадвор.
Без оглед на сознанието дека ниту една држава во светот јавно не го обелоденува фактот дека издвојува, во колкав износ и за кои намени, силни буџетски средства за спроведување разузнавачки активности надвор од своите граници, сепак тоа сите го чинат. Според одредени пишувања и објавени коментари на аналитичари од нашата држава, од соседството и пошироко, а во чија потесна експертиза, анализа и набљудување се државите од ЈИЕ, произлегуваат информации дека определен обем на средства за спроведување разузнавачки активности кон Македонија се предвидени во рамките на буџетите во министерствата за надворешни работи или други надлежни органи на дел од соседните држави. По правило, таквите буџетски средства се користат во контекст на заштита на поставените државни и национални цели и интереси и остварување на нивните стратешки надворешнополитички интереси. Имајќи го предвид силниот „интерес“ на соседите за развојот на политичката, економската и меѓуетничката стабилност на нашата држава, како и постојаното поставување редица според нив „отворени прашања“, во согласност со кои се оспорува нашето име, идентитет, култура, историја и јазик, едноставно е да се заклучи дека токму Република Македонија стои многу високо на приоритетната листа на таквите разузнавачки служби.
Службените активности на државните и правосудните органи на секоја демократски уредена држава кои се одвиваат во рамките на почитувањето на законските овластувања и во правец на расчистување на основаните сомневања за сторени противправни дејствија од кои било субјекти насочени против државните интереси, уставниот поредок и општественото уредување, неспорно претставуваат легитимно право и обврска на истите.
Борбата за одбрана на Македонија во овие моменти, за жал, не е насочена само против екстерни фактори чиишто специфични интереси веќе ги дефиниравме, туку и против поединци и групи од сопствената држава кои, заради реализација на свои лични интереси, се обидуваат неосновано да профитираат на сметка на сопствената држава, при тоа не водејќи сметка дека истовремено го попречуваат и нашиот напредок кон остварувањето стратешки надворешнополитички интереси, долгорочно насочени кон евроатланските интеграции.
Заклучуваме дека тоа спротивставување на оние кои очигледно погрешно го определиле својот правец на движење мора да биде мирно, со употреба на сите законски и демократски средства, силно користејќи ја силата на вистината, реалните аргументи и факти. Конечната оцена за исправноста на активностите на Граѓанската иницијатива за одбрана на Македонија ќе се мери во блиска иднина, се надеваме при постоење стабилна, безбедна и просперитетна Македонија и во интерес на државата и сите нејзини граѓани.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.