По дополнителна евалуација на безбедносната закана во земјата, Координативното тело за анализа на закани (ОЦАМ) на Белгија синоќа објави дека го продолжува степенот на закана на ниво „три“ до 23 овој месец.
Тоа значи дека сѐ уште е голема можноста од безбедносен ризик во оваа земја-членка на Европската унија, како и дека војската и засилени и тешко вооружени безбедносни сили остануваат на улиците во градовите, со оглед на тоа што се работи за висок степен на закана на скалата од вкупно четири степени.
Одлуката за останување во сила на безбедносната закана беше одобрена од страна на Националниот совет за безбедност на Белгија, кој се состана првпат вчера и беше предводен од премиерот Шарл Мишел.
Причината за ова се сѐ уште можните реакции по антитерористичката операција на белгиските безбедносни сили на 15 јануари во неколку белгиски градови, при што во гратчето Вервие беше разбиена терористичка група на поединци вратени од фронтот во Сирија, кои поседувале огромни количества тешко оружје и планирале напади врз полицајци и полициски станици. Во оваа операција, Белгијците елиминираа двајца од терористите, додека седуммина се уапсени и против нив е подигнато обвинение за тероризам.
Пред синоќешниот состанок на ОЦАМ и Националниот совет за безбедност на Белгија, министерот за надворешни работи и потпретседател на Владата, Дидие Рејндерс, побара политичките лидери на западните земји слободно да партиципираат во утврдување на степенот на закана за ЕУ и за Белгија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.