Францускиот стратег Ерви Ренар се запиша во историјата на африканскиот фудбал како прв селектор што го освоил континенталниот шампионат со две различни селекции, Замбија и Брегот на Слоновата Коска. И во двете финалиња, репрезентациите што ги предводеше победија на пенали откако во регуларниот дел и по продолженијата немаше победник.
Ренар во 2012 година приреди вистинска сензација откако ја предводеше Замбија до врвот, а шлаг на слаткиот успех беше триумфот во финалето против Брегот на Слоновата Коска. Поразената селекција во тоа финале направи вистински потег и го ангажира за селектор мајсторот за инфаркт-завршници, што им донесе титула на 30. издание на африканскиот Куп на нации.
Вчера повторно во пенал-рулет избраниците на Ренар, играчите на БСК, славеа со 9-8 и ја освоија титулата. И за нив и за Ренар тоа е втора африканска круна, а секоја си има своја симболика. За селекторот значи место во историјата на африканскиот фудбал како прв менаџер што предводел две различни селекции до тронот, а за БСК тоа е втора титула на купот и за чудо освоена е против истиот ривал во финалето, селекцијата на Гана, и по ист рецепт. И во завршниот меч во 1992 година меѓу БСК и Гана беше 0-0 по регуларниот дел, како и сега, и во дополнителните 30 минути немаше гол, а потоа на пенали се радуваа фудбалерите на БСК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



