Емануел Дукер е информатички инженер кој од Гана, Африка, во 2012 година, со стипендија од македонската влада, а преку програмата за размена на студенти дошол во Македонија за да студира. Дукер своите студии ги завршил на универзитетот „Апостол Павле“ во Охрид, но место да се врати назад во својата родна земја, решил да живее и да работи во Македонија. Според зборовите на Емануел, Македонија е земја што ти создава чувство на благосостојба. Како што открива тој за „Република“, имал можност да замине од земјава, но пак се вратил бидејќи овде може да биде свој. Има многу пријатели, зборува и пишува на македонски јазик. Ги почитува македонската култура и традиција. Дукер посетил многу места во Македонија, сепак Скопје е неговиот град
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Во Македонија дојдов во 2012 година. Добив стипендија од македонската влада за да студирам овде преку програмата за размена на студенти при универзитетот „Апостол Павле“ во Охрид. Студирав информатичко инженерство, завршив со тоа и почнав да работам. Додека учев, некое време живеев во Охрид, а сега веќе подолг период живеам во Скопје. Покрај мојата професија, овде работам и како волонтер и тоа многу ме исполнува. Преку оваа работа сметам дека повеќе ќе научам за културата на земјата, традицијата, вредностите. Би сакал некој ден да бидам како еден вид амбасадор, да канам луѓе да ја посетат земјата, да им раскажувам за Македонија и поради тоа морам да знам колку е можно повеќе за оваа земја.
Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура, беше ли тешко да се приспособите на животот овде?
Иако доаѓам од далечната Африка, сепак не беше толку тешко да се адаптирам на начинот на живот овде. Македонија е земја со поинаква култура од Гана, но нема некои големи разлики. На пример, облеката, начинот на однесување, тоа е исто. Како странец, навистина, се почувствував добредојден овде, луѓето се гостопримливи, се однесуваат љубезно, не дозволуваат да се почувствуваш како некој кому му е потребна помош. Ние имаме многу слична култура и, исто така, даваме големо значење на традицијата. И во Гана, како и овде, има традиционална облека, храна, музика и тоа има голема важност. Единствената различна работа, покрај бојата на кожа, можеби, би бил јазикот.
Го споменавте јазикот, иако велите дека тоа ни е единствената разлика, вие сте се потрудиле и таа да ја надминете, зборувате македонски јазик
Сега веќе можам да кажам дека зборувам македонски јазик, не е тешко да се научи. Мене лично ми беше потребно една година за да го научам. За среќа, имам многу пријатели Македонци, кои ми помогнаа да го научам јазикот. Моментно јас 70 проценти го владеам јазикот. Но мој предизвик е да го научам 100 проценти. Јас разбирам сѐ кога ми се обраќаат луѓето на вашиот мајчин јазик, но сѐ уште ми е потребно време за да размислам пред веднаш да одговорам на македонски. Научив и да пишувам на кирилица.
Како се снајдовте со различностите меѓу македонската и африканската традиционална кујна? Имате ли веќе омилено македонско јадење?
Навистина јадењата овде и во Гана се сосема различни. Но во Македонија многу сакам да јадам тавче–гравче, посебно во петок. Кој живее овде мора да знае дека во петок се јаде грав (се смее). Научив дури и да си го приготвувам. Има многу македонски јадење што ги сакам, но тавче–гравче е моето омилено. Од слатките работи морам да ја истакнам баклавата. Овде десертите знаат да бидат многу слатки, во смисла благи, што не е случај во Гана. И кај нас имаме многу традиционални јадење, на пример нашето фу фу, дури имаме и тавче–гравче, но во поинаква форма. Како и да е, во двете земји храната е, навистина, вкусна и вреди да се проба.
Кое е вашето мислење? Знае ли Македонецот да подаде рака кога е потребно?
Македонскиот народ е мирен народ. Јас имав можност да заминам еден период од земјата, но пак се вратив овде. Бидејќи овде се чувствувам спокојно, безбедно, овде е мирно. Тука секој што ќе дојде од друга земја ќе доживее една своја благосостојба. Луѓето кога и да ти е потребно ти помагаат, дури и знаат без да им побараш каква било помош да ти излезат в пресрет и да ти се најдат. Јас овде сум среќен, имам пријатели, доволно сум возрасен за да решам дека сакам овде да го живеам својот живот. Многу ми се допаѓа и тоа кога на луѓето без да очекуваат ќе им се обратам на македонски, на пример кога сакам да прашам нешто, и тогаш добивате една широка насмевка, уште по позитивен пристап и, секако, помош.
Доаѓате од земја за која важи изреката – музиката им е во крвта. Што мислите, знае ли македонскиот народ да ужива во музиката?
Македонија е земја што има единствена традиционална музика. Вие овде, навистина, го негувате тоа. Исто како и во Гана, ги имате и тие традиционални танци, облека. Тоа е за голема почит. Сепак, како што одминува времето, секоја генерација има поинаков вкус за музика, но традиционалната музика секогаш ќе остане традиционална и убавината во неа е што тоа никогаш нема да се промени. Како што Македонците ги имаат своите надалеку познати ора, ние го имаме светски познатиот танц „Азонто“. Иако африканскиот народ е познат како народ што многу сака да танцува, морам да истакнам дека овде многу ми се допаѓаат традиционалните танци за време на свадба. Односно, ги обожавам македонските свадби и како овде ја славите љубовта. Ми се допаѓа како сите се вклучени во подготовките, како на гостите и на фамилијата им се придава голема важност. Сум бил на неколку македонски свадби. Церемонијата, начинот на кој се подготвува и кога гледаш дека секој се труди да го направи другиот среќен и сѐ да излезе во најдобар ред е навистина единствено, ја сакам таа страст овде, убаво е да се види колку во една земја знаат да се почитуваат обичаите и традицијата.
Имате ли слободно време да ја истражите Македонија?
Бидејќи сум во Македонија подолго време, имам посетено многу градови. Дури сум бил и во неколку села, кои се, навистина, прекрасни. Сум бил во Битола, Штип, Неготино… Секако, Охрид. Сакам да истражувам, да запознавам нови места овде. Генерално, Македонија е земја со убава природа. Ја имате Матка, има многу планини, периодов често слободното време го поминувам на Водно… Сепак, без да дискриминирам, Скопје го сакам најмногу. Имав пријатели од Гана и од САД што беа мои гости овде, навистина се потрудив да им ги покажам најубавите места и нивниот заклучок беше дека оваа земја создава чувство што ги тера луѓето да се вратат повторно.
Се чувствувате ли како странец во Македонија?
Не, јас понекогаш се чувствувам како Македонец. Иако, знаете, имаме различна боја на кожа, зборуваме различен јазик. Јас станав дел од оваа земја. И јас уживам да бидам овде. Со моите пријатели, да бидам дел од нив. Понекогаш тие се шегуваат со мене и ми викаат дека веќе и размислувам и зборувам како Македонец и дека не изгледам како некој што доаѓа од друга земја.
Значи ли ова дека останувате да живеете овде? Кои се вашите планови?
Ми недостига мојата земја, мојата фамилија. Не сум бил дома веќе две години. Но, за среќа, се слушаме често, знам како се… Македонија е земја во која сакам да живеам, засега останувам овде, имам професионални планови за кои се надевам дека во иднина ќе ги реализирам. Дури и да заминам некогаш, јас ќе се вратам бидејќи имам пријатели овде, кои би сакал да ги посетам.
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 241 број на Неделник „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!