| четврток, 6 декември 2018 |

Внимателно, на Плетвар магла, одрони на повеќе патишта

magla-520x390

Поради појава на магла, видливоста на планинскиот премин Плетвар е намалена од 70 до 100 метри. Снег се бележи на Попова Шапка, како и на планинските премини Буково и Ѓавато, информира во денешниот пладневен извештај Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

На патниот правец Катланово – Велес по наплатната станица „Сопот“ поради голем одрон сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента, за што има поставено сообраќајна сигнализација. На патот Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, сообраќајот е во целосен прекин за секаков вид моторни возила и се пренасочува преку Виница – Берово и Делчево.

Одрон сѐ уште го попречува сообраќајот на патот Близанско – Козјак на 1,6 километар после браната, а излеаната вода од Вардар сообраќајот на Марвинци – Гевгелија. Непроменета е и состојбата на патиштата Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци, каде што се попуштени мостовите на реката Брегалница, а алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.

Во општина Пробиштип, поради свлечиште, и натаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

Локалниот пат за село Покрајчево, кој го поврзува магистралниот пат Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и се одвива преку село Подареш-Радовиш.

Регионалниот патен правец од село Тополчани кон село Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид сообраќај. Поради висок водостој, затворен е за сообраќај и патниот правец Битола-Старавина, на 8 километри пред село Новаци.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде што е можна почеста појава на одрони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top