| четврток, 6 декември 2018 |

Солидарност – емпатија или љубов

Будимка Поповска

Будимка Поповска

„Ако секогаш си поставувате ограничувања на сè што работите во животот, без разлика дали психички или физички, нема многу да постигнете. Граници не постојат“Брус Ли

Емпатија е кога некој се дави, а ти наместо да му фрлиш гума за спасување, кликнуваш на „like“ и „share“.

Љубов е кога се фрлаш по него и правиш сè што можеш за да го извлечеш на копно. Дури и да потонеш заедно со него, важно си скокнал.

Солидарност е кога си растел во големо семејство и воспитан си дека целото е цело затоа што има за сите. Кога во една група од пет души секој ќе помисли прво на другиот, а потоа на себе, кругот на истомисленици се умножува, а љубовта расте и ја има во толку големи количини што може да се направи фирма за увоз и за извоз.

Солидарност е кога од едно зрно грашок правиш плантажа со милион зрна грашок и им праќаш на децата во Африка, и каде било на Земјината топка каде што има гладни деца. А кога веќе работиш со грашок, особено си внимателен кон принцезите.

Емпатија е кога развиваш посебно сетило (пара-нос) со коешто ќе ги намирисаш гладните коишто се преправаат дека се сити.

Штом ќе го свртиш погледот, тие знаат да ја пикнат главата во најблискиот контејнер.

Љубов е кога преговараш со директорот во најблиската пицерија и успеваш да избоксуваш по еден топол оброк за бездомниците секое утро; од храната што не ја доизеле богатите гости.

Солидарност е кога издвојуваш половина час од своето скапоцено слободно време, и стануваш диливери бој што ќе ја однесе храната точно навреме, таму каде што треба.

Емпатија е кога умираш од глад заедно со прегладнетиот. Љубов е кога ги честиш по една инфузија сите пациенти на интензивна.

Љубов е кога откриваш пронајдок со кој полесно ќе се наоѓаат:
– загубените случаи
– загубените овци
– загубените надежи…

Емпатија е кога имаш доволно надеж за загубените. Солидарност е кога се однесуваш како светилка и демек им го осветлуваш патот. И само баба ти имала нерви да те потсетува дека кога ќе прегориш тебе нема никој да ти свети, особено не по европската реформа на законот за евтини светилки.

Љубов е кога си во состојба со еден потег да пробиеш тунел низ планината и никогаш да не соопштиш на вестите дека „патот е непробоен“. Особено ако живееш во Швајцарија. Љубов е кога со топлината на своето срце предизвикуваш глобално затоплување и со еден здив го одмрзнуваш смрзнатото тело на бездомникот.

Солидарност е кога знаеш дека човекот е секогаш посилен отколку што мисли. Потребно е само да ја заборави научената лага дека не може или не смее. Кога се сака, нема нешто што не се може…

Емпатија е кога одиш на концерт на Стоунси иако си растел со песните на Битлси. Совршено си свесен дека речиси три четвртини од бунарот на потсвеста се наслови на песни од Битлси.

Скраја да е каква било патетика, „love is in the air”…

Солидарност е кога знаеш дека освен љубовта нема друга причина да се биде жив и присутен на оваа планета.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top