| четврток, 6 декември 2018 |

Херои на денот

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Тешко е човек да ѝ се изначуди на парадоксалноста што се надвила над котлинава и притиска надолу кон нашите глави со целата сила на нејзината неразумност. Таа чудна прокоба, тој облак од злоба е создаден со перманентните емотивни зрачења на сите несреќници што се зафатиле со општествената акција со една беспоштедна критика на сè што е етикетирано како режим, неговите апологети и трабанти, всушност, кон сè она што постои, а има некој свој курс на движење, некој свој изолиран остров од општата исполитизираност и менталитетот на спортски навивачи. Но, за да се осознае вистинската димензија на општествената реалност, потребна е голема доза неутралност, дистанца и, ако сакате, ментална сила за да се соочиме со сите оние аспекти кои ја моделираат нашата стварност, без оглед на тоа дали тие се поволни или неповолни по нашите очекувања од секаков тип.

Ако некој од овие мразачи или плукачи, без оглед на квантумот и магнитудата на нивните фрустрации, влезе во некаква турбуленција од лични проблеми, како што е импотенцијата, или, пак, констипацијата, веднаш за тоа се виновни режимот и неговите прислужници, во кои, секако, сум вброен и јас, како етикетиран шут на владетелот и на, за нив, омразената кауза.

За волја на вистината, ретко ги следам нивните ламенти, а и кога некој од нив ќе дојде до мојата когнитивност, не чувствувам речиси никаква вознемиреност или, пак, повреденост. Моето поимање на светот и на реалноста напати е толку песимистичко, што овие гротескни кловнови ме оставаат во состојба на тотална рамнодушност.

Значи, немам доволно сензитивен рецептор за нивните теледиригирани злонамерности и навреди, за да ми го сменат расположението и да ме урнисаат во нервоза и патолошка желба за одмазда. Не дека не сум повредлив, туку, едноставно, тие плукачи немаат доволна злобна и деструктивна имагинација за да предизвикаат некоја забележлива промена на ситуацијата. Како да мочаат во морето во кое влегле без капи за бањање и без околупојасни гуми на надувување, што треба благополучно да ги одржуваат во солените и мрачни води.

Бројот на моите мразачи, плукачи со бескрупулозен табиет, подобен на оној со кој се карактеризираат мршојадците во саваната, е сè поголем и поголем, а нивниот малициозен натпревар на навреди и декласирања кон моите личност и дело стануваат сè повехементни, напати дури и френетични. Но тоа е секогаш така, кога се оскудни и дефицитарни во инвенцијата, а креацијата им била секогаш на граница со плагијаторството. Што мајмунот ќе види, тоа мајмунот го прави. Кога нема што да види, го опфаќа невидена депресивност, која напати знае да се трансформира во чудно беснило, од кое најчесто страда инвентарот во околината. Нивната наивност ги тера да се чувствуваат како релевантен фактор во моделирањето на колективната свест. Нека не губат време со вакво самооптоварување, сè е тоа само уште една фатаморгана на нивните сосема нереални халуцинации.

Но, еве, јас ќе ги удостојам со неколку реченици, колку да добијат некоја мала сатисфакција и да не почнат со генерирање на автодеструктивност и апатија, поради залудноста и ноторната неефикасност на нивните манијалкални напади, што веднаш ги соочува со целата несреќна залудност на нивниот огромен труд. Ете, така, овие кловнови на револуцијата, овие мразачи и плукачи потрошија многу време и енергија да создадат еден виртуелен циркус, во кој мојот лик ќе биде прикажан како најужасниот и најнесмасниот глупав Август. Во тој обид, и самите по нивна жалост, се промовираа како грди, жални и несреќни шутови, како суштества, способни за голема омраза, но воедно и сосема неспособни за вистинска артикулација, а камоли акција.

Револуцијата за која сонуваат и со која се китат, како со искубани перја, отиде далеку од нивните можности, замина во несогледливите понори на потрошените простор и време. Вакво помодарство, какво што е она на овие неколку несреќни кловнови, е одамна веќе влезено во зоните на тривијалноста. Среќа нивна што немаат никакво чувство за мерка, или, пак, за глупост, инаку одамна би секнала нивната јалова продукција на здодевност и дегутантност.

Посебна супституција на нивната креативна празнина прави страшната дрскост и ароганција, со која се обилно надарени. Но, сето тоа нема далекосежен ефект. Остануваат само стари доими во меморијата, која ја потврдуваат исправноста на дистанцата, која одамна ја негувам кон овие непривлечни и неподносливи индивидуи, од кои цело време излегуваат бранови на здодевност и баналност.

Сепак, мојата емпатија нема ни тука да затаи. Жал ми е за волкава концентрација на немоќ и фрустрација, но тоа што се несвесни за оваа страшна дефицитарност на доблести во нивните персони, ги чини сосема солидни преживувачи, подобни на многуте милијарди животни населени по планетава. Незнаењето и бесловесноста се нивните силни сојузници. Аргументацијата е далеку од нивниот дијапазон на дејствување.

Понекогаш се прашувам, доколку во оваа сиромашна постколонијална држава постоеше каков било арт маркет, ползата од нивните злонамерности и безумности ќе имаше некаков позитивен комерцијален ефект и за мојата работа. Зошто ништо не ја експонира повеќе вашата професионалност, посебно на уметничката сцена, од ваква невротична и тенденциозна критика, која доаѓа од овие трагикомични кловнови, од овие мразачи и плукачи. Но, за жал, сите обиди на овие вехементни јавачи на глупоста, остануваат сосема безначајни. Каква штета, а толку многу се вложија во овие апсурдни дејства.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top