Поради интензивни врнежи од снег од 18:30 часот на планинскиот превој Стража е воведена забрана за движење на товарни возила, соопшти АМСМ.
Претходно беше воведена забрана за сообраќај за сите видови возила поради голем одрон на патниот правец Македонски Брод – Скопје. Голем одрон има на потегот Близанско-Козјак на 1,6 километри после браната, поради што во 17:45 часот е воведена забраната за сообраќај. Прекин во сообраќајот има на патниот правец клучка Марвинци – Гевгелија поради излевање на реката Вардар на коловозот.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Трботивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница.
На патниот правец Демир Капија – Корешница е воведена забрана за сообраќај на лесни возила поради излевање на реката Вардар на коловозот.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Поради зголемување на нивото на реката Брегалница, превентивно е затворен патниот правец од Ново Село кон Радовиш.
Сообрачајот на локалниот пат за село Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, е во прекин и се одвива преку село Подареш-Радовиш.
Регионалниот патен правец од село Тополчани кон село Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид на сообраќај.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – село Брезница – Кула – Коломонт – Македонски Брод е во прекин поради големи одрони од камења на делот Коломонт – Близанско.
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по влажни коловози поради врнежи од дожд и снег, соопшти АМСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.