
Симона Јандревска,
IPS стипендист (Меѓународна парламентарна стипендија
Секоја личност минува низ различни искуства, препреки, среќни и тажни моменти и зад себе остава различно творештво. Бидејќи не постојат две идентични човекови судбини, јасно е дека одговорот на ова прашање нималку не е едноставен и лесен на дофат. Преку малку посуштинска анализа на Декартовата мислам, значи постојам, освен што заклучуваме дека умот нѐ чини присутни, па така можеме да разбереме дека сме телесни и постојни суштества кои имаат слободи и права, треба да се запрашаме дали се истите апсолутни? Ние сме умови кои можат да се сомневаат во постоечкиот свет и во неговите добра и тој сомнеж, освен преку мисли, можат да го искажат и преку дела. Во апсолутна смисла, нашето дејствување е слободно. Сепак, ако подобро размислиме околу опсегот на дејствување кој можеме да го уживаме, ќе сфатиме дека во многу постапки не уживаме апсолутна слобода. Тоа е така бидејќи ние не сме сами и нашите постапки не се изолирани, што значи дека нашите постапки генерираат последици. Овие последици, пак, задираат во нечии туѓи права и слободи.
Ограничувањето на човековите девијантни дејствија претставува негативен суд на општеството за определени однесувања. Гледано од социолошки аспект, криминалното поведение на личноста се поистоветува со негово асоцијално битисување во насока на конфронтација со етаблираниот поредок. Концизно, Русо во рамки на „Општествениот договор“ го претставува однапред ограниченото право на казнување на државата со цел зачувување на јавниот ред и мир, како и добросостојбата на граѓаните. Прифатено од страна на современите општества, државата има право да го казни секој што ги загрозува јавниот ред и мир како и добросостојбата на сите граѓани бидејќи спрема истите негува обврска да ги заштити и им овозможи непречено функционирање и остварување на нивните права.
Не секогаш се во прашање само девијантни однесувања кои засегаат по индивидуалните права и слободи на граѓаните, ами и по државата како основа каде што граѓаните ја бараат својата правда и заштита. Токму затоа, кривичните дела кои се предвидени со цел да се заштити националната безбедност се многу поригорозно регулирани за да не се овозможи настанување на поголема и непоправлива штета по националниот идентитет и интегритет. Во рамки на казненото право на Р. Македонија, кривичните дела почнуваат со член 305 од Кривичниот законик, кој говори за велепредавството, а завршуваат со член 327 и меѓу нив се вбројани шпионажата, загрозувањето на независноста, насилство спрема претставници на највисоките државни органи, диверзијата и други дела кои, освен со кривична одговорност, се одликуваат и во голема мера со незадоволство, понижување и во најагресивна верзија: линч од страна на граѓаните, кои се чувствуваат предадени и изиграни.
Во контекст на моменталните случувања во Р. Македонија, акцијата „Пуч“ поттикнува на посуштинско размислување и анализирање на последиците до кои водат определени поведенија. Текот на истрагата секако ќе покаже кој е во право, кој треба да биде соодветно санкциониран со оглед на докажаноста, но и кој се повикува на извори од кои секој Македонец би се засрамил. Да се соработува со странска служба со цел да се изигра или шпионира свој сограѓанин, државјанин на истата држава, никако нема оправдување, без оглед на целта поради која се врши истото. Доколку постои сомнеж во нечие работење, постојат различни методи преку кои истиот може да се материјализира. Постои судската власт која треба да се погрижи за заштита на правата на граѓаните, но постои и законодавната власт која се обавува во законодавниот дом каде што е место за прашања и аргументација. Доколку постои сомневање во работењето на Владата, Уставот на Р. Македонија во член 93 предвидува и гласање на недоверба. Заклучуваме дека постојат разни методи кои овозможуваат развој на критицизмот по што следува дека соработка со странска служба со цел придобивање информации е целосно неоправдано и погрешно.
Ирелевантно од побудите, не постои оправдување за загрозување на националниот идентитет. Не постои оправдување за фрлање на земјата врз борбата на нашите предци која нималку не била лесна, за ние денес да бидеме самостојна и независна Р. Македонија. Странска држава или странска тајна служба не може повеќе да ја сака Р. Македонија и да работи за нејзиното добро, за разлика од кој било Македонец.
Во Манифестот на привремената Влада на Македонија од 23 март 1881 година стои:
Да живее македонскиот народ, да живее Македонија! Постои гласот на нашата татковина, постои и слободата тоа скапо наследство на народите. Да ги прогласите овие зборови, тоа значи да ви ракоплескаат слободоумните луѓе, тоа значи да ги повикате благородните срца да побрзаат да дојдат да се бијат за да ја добиете таа света слобода која од многу векови побегнала од нашата драга татковина. Македонци, сетете се на вашето потекло и немојте да го откажувате!
Слободата која ја имаме денес било само сон или состојба на умот на Ченто, Делчев, Влахов, Хаџи-Димов, Петров, Сандански и многу други броени и неброени наши предци кои безрезервно ги положиле своите животи во рацете на непријателот и странските служби за ние да можеме да го живееме животот кој денес го имаме. Токму затоа спрема неа треба да се однесуваме со најголема почит и воздржување од девијантните поведенија за да можеме да им пружиме и на нашите потомства достоен живот во суверена и независна Р. Македонија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


