| четврток, 6 декември 2018 |

Грчките медиуми во одбрана на Заев

Одбрана за Зоран Заев и обвинувања за премиерот Никола Груевски е она што доминира во написите на грчките медиуми и портали за обидот за пуч во Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Прогонот на Заев ја загрозувал безбедноста на земјата, премиерот Груевски бил диктатор – ова се дел од конструкциите што може да се прочитаат во Грција по повод скандалот што ја тресе најголемата опозициска партија во Македонија.

Е-магазинот за дипломатија и стратегија „Виа дипломаси„ (Via diplomacy) во одбрана на Заев коментира дека премиерот Груевски ги користел судството и полицијата за да го инволвира опозицискиот лидер во шпионски скандал обвиен со теорија на заговор. Тврдат и дека одлуката за прогон на Заев била ризик за стабилноста на земјата во контекст на меѓуетничките односи.

– Дали оваа опција ќе му користи на премиерот на соседната земја ќе се види во следните денови според реакциите на Соединетите Американски Држави и членките на Европскиот парламент кои понекогаш го поддржуваа Никола Груевски, кој сега е обвинет дека донесува одлуки од тоталитарен карактер – тврди магазинот.

И грчкиот националистички портал „Дифенс поинт“ (Defence point) застана на страната на Зоран Заев.

– Како да не беше доволно тоа што политички ја маргинализираше земјата и го претвори Скопје во циркус поради иредентистичките македонистички соништа, неверојатниот Никола Груевски однесувајќи се како диктатор, сега го гони политичкиот опонент… – пишува порталот.

Оправдување за Заев и критика за премиерот Груевски доминира и во текстот на порталот „Оналерт“ (Onalert).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top