| четврток, 6 декември 2018 |

Купишта фајлови од странска служба во рацете на СДСМ и на Заев

dnevnik568101-350

Сериозна штета на државата, креирано сценарио во кое целата држава требаше да биде заложник, закани и уцени од лидерот на опозициската СДСМ со материјал од странска разузнавачка служба, се обвиненијата што ги изнесе премиерот Никола Груевски во обраќањето откако во полициската акција „Пуч“ беа поднесени кривични пријави за четворица осомничени за „шпионажа“ и насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, меѓу кои е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев на четирите средби што ги имал со премиерот Груевски, од кои првата по негова иницијатива, а останатите поврзани со првата, во периодот од септември до ноември лани, побарал итно формирање техничка влада и го информирал премиерот дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, парламентот, Владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и од опозицијата.

Во цели 24 години независност на Република Македонија, според него, вакво нешто ниту еден политичар, ниту најконтроверзниот, не направил.

– Закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не поминуваат, и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња, туку Македонци. Штета што тој посегна по ваков подмолен начин наместо со идеи, визија и програма – рече Груевски.

На прашањето дали е сигурен во тоа што го говори и дека е тоа странска разузнавачка служба, добил потврдни одговори. Заев му раскажал неколку телефонски разговори за кои констатирале дека дел се точни, дел делумно точни и дел неточни. Но, фактот дека дел од нив биле точни, сеедно што точните разговори според подоцнежните информации биле за бенигни нешта, укажувал на сериозноста на ситуацијата. Според информациите објавени во медиумите, станува збор за над милион фајлови со содржина од прислушувани разговори кои биле и се во рацете на СДСМ.

Осомничени за шпионирање и за насилство…

Премиерот уште додаде дека по средбите, Заев почнал јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата дека ако не прифатат формирање на техничка влада ќе го објави материјалот.

Лидерот на СДСМ, Заев, на прес-конференција возврати дека со заканата за судски процес против него нема да се спречи објавувањето на доказите, кои, како што рече, се добиени од загрижени граѓани.

– Доказите и аргументите за незаконските и неуставните активности на власта, сиве години, се добиени од загрижени граѓани за слободата и демократијата во Република Македонија – изјави Заев, додавајќи дека е лага дека го уценувал премиерот и најави дека во следниот период јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги имаат. Истовремено ја повика и меѓународната заедница внимателно да го следи и соодветно да реагира во целиот процес.

Во акцијата „Пуч“ се уапсени поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање Зоран Верушевски, неговата сопруга, 53-годишен локален функционер од Општина Струмица, а на четвртиот осомничен, Заев, одземен му е пасошот како гарант дека нема да ја напушти земјава и ќе се јави пред судот.

– Првпат во историјата на независна Република Македонија истражните органи спречуваат обид за насилно уривање на уставниот поредок. Во кривичната пријава опфатени се четири лица на кои им се ставаат на товар кривични дела шпионирање, насилство врз највисоки претставници на државни институции и кривично дело помагање – рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Според неа, кај првоосомничениот се најдени документи со класифицирана содржина, но и со податоци за следење комуникации на незаконски начин, што значи нелегално прибавување информации, бидејќи на ниту еден легален начин не можел и не смеел да ги поседува. Јанкулоска додаде дека сопругата на Верушевски како второпријавена во полициската акција служела за давање информации кои подоцна биле искористени за вршење на делото. Таа била вработена во Стопанска банка, каде што обработувала податоци.

– Самиот факт што на нејзиниот службен компјутер се пронајдени документи со содржина коштоја ја нарушува приватноста зборува дека таа во одредена мера учествувала во дејствијата кои наведуваат до сторена шпионажа. Kривичната пријава е за „помагање на кривичните дела“ – вели таа.

На прес-конференција помошник-министерот за внатрешни работи Иво Kотевски објасни дека сопругата на Верушевски на работното место „вршела превод на документи и податоци на англиски јазик кои ~ ги давал осомничениот, за тој преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи“.

Русија очекува темелна истрага, САД следат со загриженост

Веднаш по објавувањето на информациите, поголема група граѓани организирани преку социјалните мрежи се собраа во Паркот на жената-борец во центарот на Скопје за да го искажат своето незадоволство од, како што рекоа, предавничкиот чин на обвинетите во акцијата „Пуч“. Тие бараа обвинетите да бидат казнети и да не се дозволи никој на овој или на сличен начин да ~ нанесе штета на Македонија и на македонските граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ упати апел за смирено и рационално однесување, соопштувајќи дека го разбираат гневот и незадоволството на граѓаните по информацијата за последната акција спроведена од институциите, но и дека се уверени, како многупати порано соочени со вакви предизвици, дека ќе надвладее разумот, мудроста и зрелоста кај граѓаните.

Реакции стигнаа од меѓународната заедница. ЕУ побара независна и транспарентна истрага во случај на какво било наводно погрешно работење, целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со законот и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на пресумција на невиност. Маја Kоцијанчиќ, портпарол на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, рече дека Брисел е информиран од страна на МНР за деталите во врска со обвиненијата против четири лица, вклучувајќи го и Зоран Заев, Зоран Верушевски и неговата сопруга.

– Обвиненијата се однесуваат на наводна шпионажа и насилни закани насочени кон претставниците на Владата заради поткопување на уставниот поредок. Ова се многу сериозни обвиненија – вели Kоцијанчиќ.

Американската амбасада, соопштувајќи дека со загриженост го следи кривичниот случај против лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Руската амбасада, пак, излезе со став дека очекуваат темелна истрага за целиот случај во интерес на стабилноста и безбедноста на Македонија.

– Очекуваме дека овој настан ќе биде предмет на  темелна истрага во интерес на стабилноста и на безбедноста во Македонија. Ги повикуваме сите политички сили во земјата да дејствуваат во рамките на уставните демократски институти, а постојните проблеми да ги решаваат по пат на дијалог. Kакво било разнишување на состојбите во пријателската Македонија носи ризик за опасно заострување на меѓуетничките тензии во земјата, соопшти амбасадата на Русија, додавајќи дека се потврдува актуелноста на рускиот предлог за усвојување, во рамките на ОБСЕ, на документ за недозволивост на противуставни државни удари.

(Дневник)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top