| четврток, 6 декември 2018 |

Мирот е чудо

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Мирот е најпрво мир со себеси. Слично на истоштениот Индиец којшто реши да си ја плете облеката од волната на своите овци, да го пие млекото што сам ќе го измолзе и да го јаде лебот што сам ќе го испече. Вака опремен, тој со леснотија ги натерал колонизаторите да се почувствуваат како натрапници и да си заминат.

Нема друг начин. Миротворците се спремни да изедат ќотек ако со тоа нештата се мрднат од мртвата точка. Денес Индија е светска веле сила а сè почнало од една локална коза, еден спокоен домородец и еден голем инает.

Ако склучиме мир со животните не мора да им објавиме војна на растенијата. Бројлерите коишто се произведуваат на животинска фарма се програмирани да бидат храна, но тоа не значи дека не изобилуваат со хормони коишто можат да предизвикаат немир во човечкото тело. Сè поретко во нашите тенџериња се варат вистински кокошки од кои произлегуваат добри супи.

Ако сте на пропатување низ Кина и ако наместо кокошка ви подметнат куче, не кревајте паника. Не за џабе се вели „не за кого е речено, туку што е печено“…

Стара кокошка не значи секогаш добра супа особено ако е измешана со пес.

Дали е подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка?

Старите гулабари знаат дека колку повеќе ја стискаш птицата, толку повеќе таа ќе сака да ти избега. Колку покомотно ќе се чувствува на твојот космодром, толку повеќе ќе сака да ти слетува на дланка.

Дали мирот се спушта во вид на гулаб? И има ли гранче во клунот?

Или е тоа бајка за деца вооружени со „воени игри 1, 2 и 3“?

Дали мирот треба да се предизвика? Тоа ли е ситуацијата за која се вели „од ништо предизвикан“?

Во секој случај, мирот ги иритира немирните. Мозокот не може да даде наредба за мир. Но вегетативниот нервен систем може. Затоа мирот подразбира долг и напорен тренинг како подготовка. Војната не спаѓа во подготовките.

На немирот му е доволна една секунда да нападне и да освои. Еден од основачите на движењето на неврзаните велеше: да живееме како да ќе имаме мир 100 години, а да се подготвуваме како утре да ќе има војна.

На бојните полиња мирот е апсурд. Но „бојно поле“ не е територија. Тоа е поларизација, минус за кој нема доволно позитивно мислење. Антарктикот е бојно поле во кое студот го заробил противникот. Може ли ледениот пол да се одмрзне? Зборот на грчки значи мечка, а антарктик му доаѓа нешто како мечка отспротива…

За повисоките светови бојните полиња се игра. Тенковите, минофрлачите и боевите глави се играчки. Додека повисоките светови ги мрдаат конците, од конците сепак не зависи дали ќе се спротивстават на некоја проекција: и да сакаат, џабе е. Сè што може куклата е да не се поистовети со зададената ролја. Може некое време да се преправа дека игра, а потоа евентуално,како „бог од машина“, да изведе неочекуван пресврт.

Ако во омилениот ресторан ви донесат ладна супа, или има флека на чаршафот, не мора да го истурите својот гнев врз келнерот. Можете љубезно да го замолите да го повика шефот. Но најбезбедно е дома превентивно да вежбате со помош на боксерска вреќа. Превентивата е секогаш најевтина варијанта.

Утопија е да се верува дека со помош на пристојна поплака може да се смени закоравената лоша навика што зад себе влече вкоренета традиција… со други зборови, доцниме зад реалноста. Ова што се случува сега, се случило пред 8 секунди, и единствениот проблем е како да ја одбереме втората половина од следните осум секунди, ако со сигурност гледаме дека „биометеото е неповолно…“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top