Не се врши кратење или одземање средства од посмртнина за бањскоклиматска рекреација на пензионерите, истакна денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, одговарајќи на пратеничко прашање на Љубица Буралиева.
Буралиева тврди дека е запознаена со осум семејства на кои им биле одземени 4.500 денари од посмртнината, па министерот Спасов побара од неа да ги достави на проверка документите од семејствата за кои тврди дека се оштетени.
– Тоа се манипулации и невистини за еден навистина позитивен проект – изјави Спасов. Пратеничката Буралиева, која, исто така, позитивно го оцени овој проект на МТСП, рече дека ќе ги достави документите од семејствата за да се провери зошто биле одземени тие средства.
Запрашан од пратеничката Буралиева што се случува со платите на вработените во МРТВ кои ја немаат земено декемвриската плата, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека се бара решение за исплаќање на декемвриската плата на вработените во МРТ и појасни дека поради извршно решение за стара тужба од минатото раководство е блокирана сметката на ова јавно претпријатие. Од тие причини секој прилив на средства било предмет на таа блокада.
– Значи, не се работи за неможност да се трансформираат средства, напротив Владата соодветно на Буџетот за 2015 година има предвидено во вид на дотација или трансфер до МРТВ, донесена е одлука, помината е на Влада и се бара решение за овој конкретен случај како да се изнајде решение тие средства да бидат искористени во функција на работењето на МРТВ – изјави вицепремиерот и додаде дека очекува во наредните денови да се изнајде решение за овој проблем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


