Често се случува да чуеме од постарите за тоа како денес живееме во имагинарен свет без вредности и апсурдни грижи, одвеани од виорот на антагонистичките пропаганди и неморална анархија на социјална кохезија. Небитно дали по пат на пишана или усна комуникација, сѐ почесто станува присутен заклучокот дека денес ништо не е како порано. Пријателствата меѓу младите, фамилијарните врски или, пак, врските кои се воспоставуваат на едно поформално, институционално ниво нѐ чинат сведоци на секојдневни политички препирки од кои страдаат цели нации, алчни побуди на разни криминални и терористички групи кои резултираат со човечки жртви и залудни залагања на цивилниот и политичкиот свет во барањето на излезот. Неминовно е да се запрашаме зошто е тоа така, како дојде до тоа да ги загубиме основните вредности на почит и слобода?
Постои една стара латинска поговорка која вели дека Бог е во сите ствари. Ако тргнеме од Аристотеловата теза дека човекот е политичко битие, заклучуваме дека како такво, човекот мора да дејствува во заедница со други единки, други луѓе. Оттука, ако се потсетиме на основните елементи кои секоја нација треба да ги поседува за да биде идентификувана како таква: историска поврзаност, религија, култура, јазик и територија, ни станува јасно дека определени елементи се навистина тешки за идентификација и воедно чување. Денес, живееме во период на морална криза меѓу развојот и тенденциите на сѐ повисок дострел на демократијата наспроти сѐ поголемиот замав на фундаментализмот, со особен критички осврт на религиозниот фундаментализам.
Како што времето оди напред, технологијата, без оглед дали за индивидуална или за колективна употреба, исто така, сѐ повеќе се развива. Денес имаме целосно автоматизирани процеси и роботи кои можат во определени сфери целосно да го заменат човечкиот фактор, системи на прогнозирање ризици во разни области кои сведуваат опасност на најнизок можен степен, лекови за болести кои се сметале за чума на минатото и уреди со кои комуницираме со личности од другиот крај на светот небаре се веднаш до нас. Секако, сѐ е тоа придобивка на новата доба и кон истата треба да се упати најголема почит. Но, каде се овде човечкиот фактор, хуманоста и љубовта?
Живееме во свет во кој виртуелните технологии како интеркомуникациски канали нѐ поврзуваат со само еден клик, со сите наши потајни интереси. Повеќе немаме потреба од дополнителни совети и од туѓи мислења. Денес сме во состојба и самите да ги креираме мислењата кои сакаме да влијаат врз процесите над кои сме ангажирани. Жално, денес живееме во свет во кој немаме реална потреба од совети од постарите членови на нашите фамилии бидејќи за сѐ можеме да го прашаме Гугл. Но, дали Гугл го знае одговорот на прашањето каде отидоа нашите вредности?
За да го одговориме ова прашање, треба да го дефинираме поимот вредности. Ако ги дефинираме како мериторни судови за појавите кои нѐ опкружуваат, секако заклучуваме дека се целосно индивидуални и независни од тие на останатите околу нас. Со цел балансирање на оваа состојба, во преден план се истакнуваат религиите како сет на вредности и морални правила кои би воделе до морално поведение и соживот на сите единки. Без оглед за која религија станува збор, апсолутно ниедна религија во својата суштина не повикува на војна, агресија, нетрпеливост, алчност, завист или лажење. Ако е тоа случај, зошто денес се случува „Шарли ебдо“, масакри секаде низ африканскиот континент, ИСИС?
Верувам дека одговорот лежи во сите нас посебно. Секој од нас е израснат и воспитан во различна околина и услови, но сигурна сум дека никој од мали нозе не знаел да мрази, понижува и да омаловажува. Како млади, ние сме празни листови чија содржина ја испишуваат искуствата и годините, менталитетот и општествените културни текови. Сепак, за да можеме да се идентификуваме како морални личности, секој од нас треба да си го постави прашањето дали со своето однесување повредува и навредува некого и дали би бил духовно согласен истото да му се чини и нему?
Слободата е најголемото и најсуштинско достигнување на човекот низ вековите и разните борби за полиберално државно уредување. Сепак, ако таа се злоупотреби, може многу лесно да премине во најголемо зло на тиранија и безредие. За тоа сме заслужни самите до степен до кој сме способни да ги оправдаме своите постапки.
Не постои добра или лоша култура, слободна или тиранска религија или, пак, морално или неморално општество. Постојат единки кои придонесуваат за развој на истото.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.