
– Ако понекогаш блескав, тоа е само затоа што горев. Сакам да им се извинам на моите деца на кои навистина им недостасував. Знам дека тие сега ќе ми простат, па потоа пак ќе заборават и така тоа оди. Им се заблагодарам на мојата сопруга и на моите деца. Горд сум на моите студенти кои денес ја сочинуваат сржта на македонската филмска и театарска сцена, а им се заблагодарувам на сите актери со кои сум работел – од Македонија, Србија, Романија, Чешка… – рече денеска најавангардниот македонски режисер Љубиша Георгиевски, кој што прославува 55 години творшево и 77 години живот.
Денеска во Кинотеката на Македонија се одржа промоција на книгата „Театарски магии – Мнемопис“ чиј приредувач е Јелена Лужина и промоција на ексклузивното ДВД-издание со дигитализираниот филмски опус на Георгиевски.
ДВД-изданието кое е во издание на Кинотека на Македонија содржи четири играни филмови: „Под исто небо“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“, потоа кратките филмови „Не“, „Патека“, „Хераклеја“, Интервју со Љубиша Георгиески и докуметарниот филм „77/55“. Во ДВД-то има и посебни додатоци – избор на сцени, автори и соработници, фото галерија, извадоци од печат. Од директората на Кинотека, Мими Ѓорговска -Илиевска Георгиевски доби и плакета за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

– Специфичен е моментот на одбележување на творештвото на Георгиевски, а бројката е исклучително значајна. Драго ми е што Кинотека на Македонија го изврши дигитализирањето на целокупното творештво на Георгиевски – рече Ѓорговска-Илиевска.
Колеги, режисери, студенти, актери, соработници денеска присустуваа на двојната промоција на Георгиевски во Кинотека со цел да му оддадат почит на вкупната работа на овој еминетен македонски режисер.
За филмското творештво на Георгевски говореше Илинденка Петрушева, кој призна дека не може да му прости на Георгиевски што во 1971 година се откажал од снимањето филмови и целосно му се посветил на тетарот.
Професораката на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Лужина, која е и приредувач на „Театарски магии- Мнемопис“ прецизно пресметала дека Георгиевски поминал 22,2 години во театарот.
– За разлика од Петрушевска, јас сум среќна што тој се откажал до филмот и целосно се посвети на театарската сцена. Георгиевски зад себе има 165 претстави. Ако просечно една претстава има 45 проби, тогаш тоа значи дек Георгиевски поминал точно 22,2 години во театарот, што е цел еден живот. Тој театарот се уште го доживува како магија. Тој е „доминус грегус“ водач на стадото, водач на цела нација. Не познавам подобар квалификатив од оној кој се вика Македонија. Георгиевски е „доминус грегус“ на оваа нација – рече Лужина.
На промоцијата присустуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
– Да се зборува за Љубиша Георгиевски е голема чест и привилегија, бидејќи со својата раскошна биографија и со својот повеќезначен влог во македонската понова историја, овој режисер, писател, педагог и политичар е уникатна појава, профил на интелектуалец кој постави лични и професионални стандарди во нашето општествено живеење. Во изминатите 55 години Георгиевски, со својата професионална кариера но, и со останатите активности од голем формат го градеше достоинството на македонската култура и ултимативно ја афирмираше својата држава, Република Македонија крстосувајќи ги светските меридијани – рече Канческа-Милевска.
Канческа-Милевска е уверена дека дигитализираниот опус на режисерот Георгиевски и книгата „Театарски магии“ ќе бидат извонредна можност младите генерации но, и вљубениците во македонската уметност да се запознаат со маркантното творештво на овој автор.
За два дена Георгиевски почнува нова претстава во Битолскиот народен театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


