Менаџерскиот тим на Аделина Тахири испрати соопштение до медиумите по повод промоцијата на нејзиниот нов албум, на кој таа денеска задоцни повеќе од 40 минути, по што новинарите во знак на револт го напуштија настанот.
Според продукцијата „OnAir“, Тахири задоцнила само 15-тина минути поради гужва во сообраќајот, а останатиот половина час бил наменет за пречек на новинарите.
– Почитувани пријатели, колеги и медиуми, имаме потреба да изразиме големо жалење поради недоразбирањата кои денеска се случија на промоцијата на новиот албум на Аделина Тахири. Уште пред еден месец, Аделина заедно со менаџментот на елитниот хотел „Bushi Resort & Spa“ ја закажа промоцијата за 28.01.2015 со почеток во 11:30 часот, но пред да ги пуштиме поканите до медиуми, донесовме одлука да направиме приемен дел од 30 минути со цел да се соберат сите медиуми. Истата покана, на македонски и албански јазик беше испратена до сите медиуми, а Аделина Тахири задоцни само 15-тина минути поради гужва во сообраќајот – стои во соопштението на менаџментот.
Поголемиот дел од македонските медиуми на закажаната промоција пристигнаа точно на време, дури и пред 11 часот и веднаш беа внесени во конференциската сала на хотелот, каде по 40-тина минути чекање се согласија да заминат.
Промоцијата, сепак, се одржала пред неколку медиуми кои покасно се појавиле на настанот или, решиле да останат.
Иако во соопштението менаџментот се заблагодарува „за разбирањето, особено до екипата на популарниот дневен весник „Вест““, од весникот демантираат дека останале на промоцијата.
– Пејачката Аделина Тахири доцнеше 45 минути на својата промоција. Поради такво неодговорно однесување, на идеа на еден колега, јас ги поканив сите останати колеги да ја бојкотираме промоцијата и да го напуштиме хотелот. Колеги од OnAir.FM Macedonia грешка сте, „Вест“ не остана на промоцијата, нема зошто да ни викате фала во мејлот. Заблагодарете им се на тие што не беа солидарни и се вратија, слушнав биле само 2 редакции. Аделина нека научи да ни го почитува времето – пишува Милица Џаровска, новинарка во „Вест“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




