| четврток, 6 декември 2018 |

Лажен радикализам

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Алексис Ципрас е новото златно момче на „современата левица“, а победата на неговата политичка партија на изборите во соседна Грција, според неговите идеолошки истомисленици, е најава за нова „црвена пролет“ во Европа. Историската победа на Ципрас означи драматично напуштање на долгогодишниот двопартиски систем во Грција (каде што постојано во улога на носители на власта беа ПАСОК или Нова демократија, или двете партии во меѓусебна коалиција) и во исто време донесе свежина на домашната политичка сцена. По прогласувањето на првичните резултати и во контекст на надминувањето на економската и финансиската криза во Република Грција, Ципрас истакнува дека познатата тројка на институции (Европската комисија, Европската централна банка и ММФ) која управуваше со мерките за штедење во Грција веќе е работа на минатото. Токму наведената изборна реторика се покажа како клучно ветување во постигнувањето успех на неговата нова, современа и радикална левичарска партија (според некои наречена и нова социјална демократија), која несомнено му ја донесе и власта во државата. Едно од клучните прашања на кои се бара соодветен одговор во дадениот момент е она што е поврзано со можностите и истрајноста на Ципрас да истрае во своите ставови и дали е во состојба да ги исполни очекувањата на неговите гласачи и на неговите следбеници низ светот?

Господин Ципрас, во суштина, има импресивен потенцијал, исклучително добро се снаоѓа во непосредната комуникација со широката народна маса, создава извонредна екипа за комуникација и односи со јавност, креира имиџ на млад, актуелен и популарен политичар и на најсоодветен начин ги артикулира болките на обичните грчки граѓани. Од друга страна, лидерот на СИРИЗА го нема потребното професионално и политичко искуство, недоволно е искрен пред гласачите, како и пред глобалните маси кои во овие моменти ја слават неговата голема победа. Со неговата форма на нов, граѓанско-центриран радикализам тој отворено ги напаѓа елитите и истовремено страшно ја комерцијализира политиката. Патем, голем број експерти за европска политика заклучуваат дека тој одлично ги изразува симптомите на националната болест, но е безнадежен во нивната дијагноза и лекување. Ципрас тврди дека Грција ќе остане дел од еврозоната, но и дека истовремено ќе прекине со примената на сериозните мерки за штедење во земјата, без оглед на фактичката состојба која не оди во негова полза. Во овој момент Грција има неминовна потреба да позајми неколку милијарди евра од ММФ и државите во еврозоната, а со основна цел да ја избегне неповолната ситуација во согласност со која ќе биде доведено во прашање исплаќањето на јавниот долг. Паралелно со тоа, на грчките банки им е потребна стабилна монетарна политика и континуирана ликвидност од Европската централна банка. Плановите на новата влада на СИРИЗА околу методологијата за спасување на грчката економија барем засега се далеку од концептот реално создаден и имплементиран од меѓународната тројка.

Доколку Ципрас остане приврзан кон неговите тврди ставови, во согласност со досегашната практика, тој би можел да биде сфатен прилично несериозно од страна на неговите колеги во Унијата. Омекнувањето, пак, од друга страна, ќе биде спротивно со неговите предизборни ветувања и политиката која силно се спротивставуваше на грчкото статус кво и која истовремено им даде големи надежи на младите анархисти низ Европа? Најверојатно Ципрас ќе мора да ја прифати позицијата на статус кво, со што истовремено ќе ги разочара неговите следбеници, додека, од друга страна, пак, ќе има реална шанса да се претстави како сериозен и активен чинител на грчкото закрепнување. Тоа, исто така, е во согласност со концептот за задржување на Грција во рамките на Европа и Европската монетарна унија бидејќи излегувањето од тој организиран и солидарен систем би бил увод во тотален економски, финансиски и политички колапс. Без оглед на ризикот да ја загуби натамошната поддршка на поголемиот дел од гласачите кои го поддржаа во текот на изборите и кои силно се спротивставуваа на мерките на штедење, брзото и флексибилно приспособување на Ципрас може да биде сфатено како реално почитување на заедничките европски вредности и нормативи. Во прилог на реченото е најавата на Јанис Варуфакис (кој се очекува да биде нов министер за финансии во владата на Ципрас), дека новата влада „ќе мора да биде многу внимателна и да не си игра со брзоплетата реторика за излез на Грција од еврозоната“, односно таканаречениот Grexit (Greece Exit).

Во голем дел убеден сум дека Ципрас ќе биде прагматичен лидер кој своите актуелни навики од популистичката (комерцијална) политика целосно ќе ги приспособи на потребите на својата држава, истовремено надевајќи се дека ќе биде еднакво успешен како лидер кој владее во услови на поуспешни развојни периоди, како што и беше како опозиционер во време на силно изразено незадоволство. Оттука, независно од разните информации коишто излегуваат во врска со неговиот личен став околу разликите со Република Македонија во однос употребата на нашето уставно име и нашето право на самоопределување, најверојатно ќе ја продолжи политиката на неговите претходници. Формирањето коалиција со Партијата на независни Грци, која има националистички ставови и која во предизборната кампања имаше можеби најостра реторика кон нашата земја, упатува на заклучокот дека ставот на Република Грција во однос на ова прашање, најверојатно, ќе биде идентичен.

Ципрас е легитимен наследник на харизматичните Папандреу и Самарас, кој без оглед на промоцијата на новата политичка форма на дејствување, сепак не се очекува да направи некој радикален пресврт во надворешнополитичката стратегија. Со постизборниот договор за формирање коалиција со партија на радикалната десница, левичарски радикализам на Ципрас реално тешко може да биде променет во позитивна насока. За очекување е Ципрас својата тешка изборна реторика да ја искористи за добивање дополнителни политички поени во преговорите со тројката, кои истовремено можат да му послужат да ја унапреди и неговата натамошна политичка кариера.

Самарас го имаше спорот со името, Ципрас го има лажниот радикализам. Денес, барем за нас, се чини дека сѐ останува идентично, а единствена минимална промена имаме кај соговорниците, кои добиваат нов физички лик и релативно нов карактер. Останува отворено прашањето, дали можат да се остварат минималните надежи дека во Република Грција, конечно, ќе превладее разумот и ќе биде прифатена реалноста на постоење самостојна, независна и суверена Република Македонија. Попрагматичен пристап во грчката надворешна политика, заснована на реален дијалог, заемен респект, почитување на принципите и правилата на меѓународното право, несомнено ќе биде од посебен интерес за нашата држава, за севкупниот развој на билатералните односи, но и за одржувањето на мирот, безбедноста и долгорочниот економски развој на Европа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top