Откако ноќта ја поминаа на истанбулскиот аеродром поради речиси тричасовно доцнење на летот од Доха до Истанбул, македонските ракометари утрово пристигнаа во Скопје. На скопскиот аеродром беа пречекани од мал дел спортски фанови и од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
Спасески им посака добре дојде и им честиташе за големиот успех и освоеното 9. место на мундијалот во Катар, кој е најдобар наш пласман на Светско првенство. Тој порача дека Македонија е горда на нашите спортски херои и дека младите се поистоветуваат со нив и ги сметаат за свои спортски идоли.
Сега вниманието ќе биде насочено кон квалификациите за Европското првенство во Полска, од каде што постојат шанси за обезбедување учество на квалификацискиот циклус за настап на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.