Претседателот на САД Барак Обама го заврши денешниот ден од посетата на Индија со најава за инвестиции и кредити во вредност од четири милијарди долари.
Претходно денеска на покана на индискиот претседател Нарендра Моди Обама стана првиот американски претседател, што присуствувал на воена парада за време на националниот празник Денот на републиката.
Посетата на Обама на Индија почна вчера со објавување неколку договори во вредност од милијарда долари во областа на трговијата со нуклеарни материјали и зголемување на соработката во одбраната.
– Се движиме во правилна насока. Сепак знаеме дека американско-индиските односи се карактеризираат со голем неискористен потенцијал. Сите тука се согласни дека можеме повеќе – изјави Обама пред претставниците на американскиот и индискиот бизнис сектор.
– Американските инвестиции во Индија се двојно зголемени во изминатите четири месеци – нагласи Моди, најавувајќи намалување на бирократијата во земјата и подобрување на условите за бизнис.
Американската Експорт-Импорт банка ќе финансира со една милијарда долари извоз на стоки произведени во САД. Американската корпорација за приватни инвестиции во странство ќе обезбеди една милијарда во кредити за мали и средни компании во земјоделските области во Индија, а американската агенција за трговија и инвестиции две милијарди долари за проекти во областа на обновливата енергија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.