| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на „Само сонот е стварност“ од Илинденка Петрушевска во МКЦ

Утре (вторник, 27 јануари 2015), со почеток во 20 часот, во киносалата „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде промовирана книгата на Илинденка Петрушева „Само сонот е стварност“ со поднаслов „Од бележникот на еден филмолог“, која неодамна ја издаде Македоника литера. За книгата ќе зборуваат Оливер Белопета и Зоја Бузалковска.

По претставувањето на книгата ќе биде проектиран музичкиот документарен филм „Потрага по шеќерниот човек“ (добитник на Оскар и на БАФТА, како и на уште 37 други награди), како дел на зимското издание на МакеДокс, кој заедно со МКЦ е соорганизатор на промоцијата. Токму во МКЦ Илинденка Петрушева ја започнала својата филмолошка кариера.

Во книгата „Само сонот е стварност“, која е структурирана во шест целини со филмолошки студии, есеи и филмски рецензии, Петрушева пишува за историските, естетските и феноменолошките аспекти на филмот, при што како проучувач на филмот се занимава и со неговата историја. Освен како педантен и префинет филмски критичар, таа на есеизиран и вдахновен начин обработува одредени историски процеси и естетски тенденции на филмската уметност во светот и во Македонија, збогатувајќи ја книгата со мноштво сознанија и историографски податоци.

Илинденка Петрушева (1944) е филмски критичар, филмолог, истражувач на филмската историја. Во почетокот на 70-тите години започнува редовно да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во домашни и странски списанија. Работела на капитални истражувачки проекти од историјата на македонската кинематографија. Главен и одговорен уредник е на списанието Кинопис.

Учествувала на многу домашни и странски научни симпозиуми. Соработувала во изготвувањето на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб, на Македонската енциклопедија на МАНУ и на повеќе енциклопедиски изданија на издавачот „Детска радост“. Редактор е на изданието Фотографијата и филмот на почвата на Македонија (16-та книга од макропроектот „Историја на културата на Македонија“, МАНУ, 2007), приредувач е на монографијата за Трајче Попов (Кинотека на Македонија, 2012), редактор е на Хронологијата на македонската кинематографија 1895-2014 (Кинопис 45/46, Кинотека на Македонија, 2014).

Автор е на книгите: Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, 1991), Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Киносојуз на Македонија, 2001), Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи (Македонска реч, 2005) и Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 (Кинотека на Македонија, 2011).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top