Разводот е како моден тренд, брзо се шири и лесно се поднесува. Порано разведената жена била осудена од општеството, неприфатена ни од сопственото семејство. Но, времињата се менуваат. Разводот станува најнормална работа. Според последните податоци на Државниот завод за статистика кои се однесуваат на третиот квартал од 2014 година, има 506 разведени бракови повеќе во споредба со истиот период во 2013 година, и тоа најмногу во Скопје. Статистиката вели дека најмногу разведени бракови, 153, има во Скопје. По општини, рекордер е Центар со 33 разводи, следуваат Гази Баба со 25 и Карпош со 18 разведени бракови. Најмалку разводи, само еден, имало во Арачиново. Од другите градови рекордер е Битола со 45 разведени бракови, по што следуваат Гостивар со 37 и Куманово со 29 разводи. Во третиот квартал од 2014 години никој не се развел во Кочани, Крушево, Демир Хисар, Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Росоман, Ранковце и во уште десетина други општини.
Свекрва, недоволно познавање, зависности
Приказните се различни. Статистика за причините нема, но социјалните работници и адвокатите што водат такви случаи велат дека сопружниците често, без да бидат прашани,раскажуваат за тоа низ што поминувале пред да донесат одлука за развод. Според нивното искуство, на прво место е мешањето на родителите. Односот на младите со родителите, како со свекорот и со свекрвата, така и со бабата и со дедото, е главната причина поради која тие решиле да стават крај на бракот. Барем така секогаш велат младите – свекрвата незадоволна како снаата ѝ го чува синот, незадоволна од стилот на облекување на снаата, снаата не може да поднесе постојани совети од свекрвата, зетот не може да го прифати постојаниот телефонски повик од бабата…
На второ место доаѓа прељубата, која е на исто ниво со тешката материјална состојба која ги доведува до лудило брачните двојкипредизвикувајќи кавги, расправии и несогласувања.
Социјалните работници го истакнуваат и сѐ поголемиот број разводи поради несогласување на карактерите и недоволно меѓусебно познавање на брачните партнери. Дали копчињата на навлаката за јорган треба да стојат горе кај лицето или долу кај нозете – звучи банално, но и тоа е една од причините за развод. Брачнитепартнери не можеле да се договорат за името на тукушто роденото дете. Сопругатанаправила висока сметка за козметички препарати. Денеска никој никого не трпи.
За своите приоритети сопружниците разговараат и пред бракот, но неочекуваните работи со тек на време може да станат голем проблем. Без обзир на тоа колку ќе се обидат да ги усогласат своите приоритети – и натаму остануваат различни личности. Двојкитешто се сретнуваат со големи разлики во приоритетите и погледот кон животот, треба да седнат и да се обидат да дојдат до некоја средина.
И зависностите често се земаат како проблем. Зависниците не само што имаат деградирачко влијание врз партнерите, туку најчесто им прават емоционални лузни и на сопствените деца, блиските роднини, па и на пријателите. Иако ретко, но и сексуалнотонезадоволство резултира со развод.
Модерното време носи модерни проблеми
Пријателка се разведе. Ја осудувавме сметајќи дека е разгалено дете. Таа се срамела да каже која е причината за разводот. По четиригодишна врска, две години брак и едно дете, таа го фатила во кревет сопругот со најдобриот другар. Очигледно дека модерното време носи модерни „болести“, вели една скопјанка.
И недоволното меѓусебно познавање е причина за честите бракови што траат по само неколку месеци. Се запознаваат на „Фејсбук“, по некој месец се земаат, доаѓаат во ситуација да живеат заедно и не можат да се приспособат на заедничкиот живот кој носи нови секојдневни ситуации, проблеми и предизвици. По некое време валканите работи излегуваат на површина, а не секој карактер е подготвен на компромис и жртвување.
Семејното насилство е уште една од причините за развод. Секако, тоа било присутно низ годините, но свесноста била помала. Стравот за осуда од општеството, затоа што ќе биде распуштеница, како што велат постарите, ги принудувал жените да трпат секојдневна тортура. Но, жртви на насилство се и мажите. Можеби не физичко, но психичко да. Навредите од жените упатени консопружниците,кои им покажуваат дека се непосакувани, знаат да бидат многу потешки од шлаканица. Ударот ќе помине, но болката од кажаниот збор тешко исчезнува.
(Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.