Мундијалот во Катар не е последна шанса за билет за предолимписки турнир. Насап на ОИ ќе може да се обезбеди и преку ЕП во Полска следниот јануари. Светската Ракометна Федерација ИХФ доцна синоќа и официјално го потврди форматот на натпреварување за ракометниот турнир од претстојните Олимписки Игри во Рио де Жанеиро, што ќе се одржат во 2016 година. На ракометниот турнир на ОИ во Рио де Жанеиро ќе учествуваат по 12 селекции, во машка и во женска конкуренција. Само домаќинот Бразил автоматски обезбедува пласман и во двете конкуренции.
Светското првенство во Катар игра клучна улога за олимписките квалификации. Светскиот шампион обезбедува директен билет за Рио, додека селекциите од второто до седмото место ќе обезбедат учество во олимписките квалификации. Овие три квалификациски турнири би требало да се одржат на три различни континенти, на секој од турнирите ќе учествуваат по четири селекции, а најдобрите две од секоја група ќе се пласираат на ОИ во Рио де Жанеиро.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ОИ ВО РИО ДЕ ЖАНЕИРО
Директно квалификувани: Бразил како домаќин, шампионот од СП 2015 во Катар.
Четири континентални места: По едно директно место на ОИ ќе добијат шампионот на Европското Првенство во 2016 во Полска, на Пан-американските игри во 2015 во Торонто, Шампионатот на Африка во 2016 во Египет и на Азискиот квалификациски турнир што подоцна годинава ќе се одржи во Катар. Ако светскиот шампион воедно стане и континентален првак, тогаш билетот се пренесува на вицешампионот од континенталниот собир.
МЕСТА НА ОЛИМПИСКИ КВАЛИФИКАЦИИ:
– Шест места за предолимписките турнири припаѓаат на селекциите од втората до седмата позиција од СП во Катар
– Секој континент ќе даде по еден претставник за овие турнири преку ЕП во Полска, Шампионатот на Африка во Египет, Азискиот квалификациски турнир во Катар и Пан-американските игри во Торонто.
– Двацата најдобри континенти на СП во Доха ќе добијат по уште едно дополнително место за олимписките квалификации.
Квалификациските турнири за ОИ во Рио де Жанеиро ќе се одржат напролет во 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.