„Шеќерното дете“ на режисерот Игор Иванов – Изи е првиот игран филм за деца што ќе се снима во Македонија и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, соопшти денеска Дарко Башевски, директор на Агенцијата, кој денеска ги соопшти резултатите од конкурсот за финансирање краткометражни и долгометражни филмови во 2015 година.
– Уште откако станав директор на Агенцијата, во едно од првите интервјуа изјавив дека би сакал во Македонија да се сними игран филм за деца и да се снимаат комедии. Ете, сега ќе се снима првиот филм за деца – рече Башевски.
„Шеќерно дете“ е напишан по инспирација од сказната за деца на Славко Јаневски, „Шеќерната приказна“, а автори на сценариото се Драгана Лукан Николовски и Игор Иванов. Овој филм има и најголема финансиска поддршка од Агенцијата, вкупно 46 милиони денари.
Агенцијата финански ќе поддржи вкупно 23 филмови во 2015 година а ова беше прв конкурс по донесувањето на новиот Закон за филмска дејност. Вкупниот буџет е 134.300.000 денари. Од нив, осум се долгометражни играни филмови – четири македонски и четири копродукции со други земји. Фокусот е на дебитантските филмови, така што три од македонските се првенчиња на режисерите и ќе добијат по 16 милиони денари („Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски и „Проект Хепинес“ на Борјан Зафировски).
Долгометражните играни копродукции во кои учествува Македонија (со износи од три до седум милиони денари) се: „Ноќен живот“ на режисерот Дамјан Козоле од Словенија, „Љубовта на Лена“ на Флоријан Гаг од Германија, „Банат“ на Адриано Валерио од Италија и „Доме, слатки доме“ на режисерот Фатон Бајрактари од Косово.
На конкурсот за долгометражни играни филмови се пријавиле 19, а жанровски, главно, се драми, некои и со примеси на комедија.
Поддршка на конкурсот добиле четири долгометражни документарни филмови, со износ од 1.200.000 до 3.000.000 денари: „How do you define arrogance?!“ на Небојша Илијевски, „Глас од Букурешт“ во режија на Леотрим Идризи, „Човекот со две лица“ на Марија Џиџева и „Љубовната соба“ на Сузана Диневски.
Шест краткометражни играни филмови ќе добијат поддршка со износи од 870.000 до два милиона денари: „Патики“ на Лидија Мојсовска, „Исклучително жолти лалиња“ на Кузман Кузмановски, „Татко“ во режија на Светозар Ристовски, „Ние и тие“ на Стојан Вујичиќ, „Чевли“ на Бранко Костески и „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова.
Краткометражни документрарни филмови се поддржани два – „Ренесансен ембрион“ во режија на Милан Јашиќ и „Дива во домот за старци“ на Синиша Ефтимов (со 820.000 и 850.000 денари).
Од Агенцијата за филм финансиски ќе бидат поддржани и три краткометражни анимирани филмови: „Тивката Мира“ во режија на Ѓорче Ставрески, „Кавал“ на Саша Станишиќ и „Акт“ на Ацо Станкоски (со износи од 1.000.000, 1.180.000 и 2.500.000 денари).
– Со новиот Закон за филмска дејност е двојно зголемен и максималниот износ за поддршка на долгометражен игран филм, од половина на еден милион евра, освен за филмови за посебен интерес, кои може да добијат и поголем износ. Со Законот има точно утврдени критериуми за тоа кои проекти ќе добијат поддршка. Се вреднуваат претходни успеси на авторите, награди на филмски фестивали, категории на фестивалите. Разликата е во тоа што сега има Филмски совет. Има многу математика, практично како на тендер да се аплицира, но ова е најобјективниот начин. Генерално, сменет е само системот на вреднување – рече Башевски.
Тој е задоволен е и од тоа што се повеќе режисери, особено млади, се здружуваат со продукции од други земји и што аплицираат пред странски фондови и на меѓународни копродукциски маркети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Младите синеасти во фокусот на Европската програма Less is more (LIM)
-
На фестивалот во Олденбург, Агенцијата за филм ќе ја претстави Македонија како атрактивна дестинација за снимање
-
Полуматурантите во понеделник и вторник ќе се запишуваат во средните училишта
-
Агенцијата за филм потпиша меморандум за соработка со Друштвото на филмски работници