| четврток, 6 декември 2018 |

Спекулативна историја (3)

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Големиот германски филозоф Лајбниц во еден момент ќе објави дека „овој свет е најдобар од сите можни светови“, со самото тоа што е реална творба, за разлика од претпоставените или фантазираните светови. Без оглед на тоа дали се работи за утопија или дистопија, за идеализирани или, пак, за деградирани светови, подобни на самиот пекол, за нив артифициелното потекло создава безброј проблеми на долг рок. Можеби во заднината на Лајбницовиот став и сугестија постои одредена теолошка детерминанта, можеби и некаков остаток на некоја схоластичка догматика, но оваа теза на големиот филозоф, воедно е добро фундирана во незаобиколивата убедливост на самата стварност.

Лајбниц на ваков начин, како еден прониклив зен-мајстор се соочува со британската филозофска традиција на Џон Лок („човекот се раѓа како табула раза“) или со оној на Томас Хобс („човек на човека му е волк“), со тој емпиризам и рационализам така жестоко спротивставени на идеалистичката традиција на нивните сонародници – Дејвид Хјум или Џорџ Беркли.

Фридрих Ниче, најхаризматичниот и најпрефинет, а и најпоетичен филозоф на 19 век, имаше лошо мислење за Лајбниц. Тој ги презираше идеалистите, посебно во германската филозофија, почнувајќи од Кант и од Лајбниц, па сè до Шелинг и Шопенхауер. За овој последниов не ги ни штедеше деградирачките квалификации.

Сепак, тој покажува голем респект кон француските романтичари и класицисти. На крајот, сè е прашање на вкус. Во својата „Ecce Homo“, тестаментално дело напишано непосредно пред неговата смрт во 1900 година, а објавено во 908 година, Ниче многу луцидно и со невидена жестина ги анализира своите дела, но дава и квалификации за своите филозофски и литературни преференции. Тој остро ги напаѓа идеалистите наоѓајќи ги за декадентни и перверзни, воедно давајќи си себеси статус на натчовек, а понекогаш и на антихрист. Тоа е сурова поетика на остриот и чист воздух, кој го има само на високите планини, до кои ретко кој може да стаса. Во овој контекст нема многу простор за шпекулации, сè што е вредно е тука, во овој, веќе вечен свет на поларитети, на дионисиското и аполиниското. И наклонувајќи се кон слободата и вистината, тој зазема страна, која сурово го приближува кон одредени постулати, кои ќе ги најдете и кај Лајбниц, но и кај Шопенхауер.

Можеби Ниче, како експерт по класична лингвистика, даваше огромно значење на прецизноста во изразувањето, а, пред сè, на поетската потенција во искажаното.

Тука, секако, има битна структура, без која изразот ја губи својата прецизност и автентичност. Од друга страна, неговата деструктивна аналитичност на моралниот и филозофскиот главен тек, а посебно магнитудата со која го врши тоа како промислувач, ја создава „деконструкцијата“ во многу пофлагрантен формат цели 100 години пред Жак Дерида.

Но, детерминираноста на одредените интелектуални проекти во историската конструкција повеќе нè тераат на спекулативност отколку на тивка медитативност.

Велат дека овој чудесен карактер на централната тема на Ничевата филозофија влијаел на интелектуалната генеза на нацизмот. Тешко дека некој „бауер“ (селанец) или „арбајтер“ (работник) би можел да сфати што било од размислите на овој трагичен лик. Па, дури и кога би сфатиле и разбрале, попрво би се констернирале отколку одушевиле за да ја усвојат како сопствена идеологија. Посебно, што во својата чудна интелектуална биографија самиот Ниче се подбива со германската култура и дури вели „до каде и да продре германскиот стил, тој носи одвратни и неподносливи ефекти“, тој понатаму се исповеда, како е горд на своето словенско потекло (од полско аристократско семејство) и имплицитно изразува радост, што генетски, па и културно не припаѓа на така баналниот менталитет, каков што е германскиот. Тој е воодушевен од Стендел, на пример, или од Волтер, а која ингениозна душа од тоа време и не би била. Веројатно тоа е револуцијата во интелектуална смисла на цајтгајстот на 19 век.

Разорувањето на догмите и моралот што Ниче го прави во својата филозофија и интронизирањето на „Übermensch“, е, веројатно, круцијалната тема на нацистичкиот херметизам и идеолошката поставеност на хиерархијата на моќта.

Во една пригода Адолф Хитлер ќе истакне како неговата политичка, а и историска акција (пост фестум) не е покрената поради интелектуалците, туку поради селаните и работниците. И тука Фирерот целосно се сложува со ставот на Ленин. Тоа е дијаметрално спротивно од филозофската позиција на Ниче, но големите придвижувања на масите во насоката на одредена идеологизација е секогаш длабоко проткаена со популизам, а веројатно и со демагогија. Конечно, и Лајбниц и Ниче се среќаваат во една позиција кога се работи за реалноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top