| четврток, 6 декември 2018 |

50 идеи за миротворство во вселената

Будимка Поповска

Будимка Поповска

1.
Ако имаш желба за мир, не бегај на друга планета! Најпрво најди го мирот во себе. Потоа сè наоколу ќе стивне.

2.
Првиот човек што стапнал на Земјата и првиот човек што стапнал на Месечината се разликуваат само во едно – овој бил гол, а овој во скафандер. Каква врска има тоа со идејата за мирот? Едно мало совпаѓање, случајно или не – во нивната околина немало жена.

3.
Каква е логиката да се тепаме меѓусебе кога има толку простор во вселената кој е празен и чека да го населиме?

4.
Има ли други начини за патување во вселената освен со „државните“ ракети на големите вселенски станици? …. може ли да се патува во приватен аранжман? Може ли некој на своја рака да се лансира во космос? Што ќе се прави со домашните миленици? Што со фабриките за генетски модификувана храна? Ќе има ли место за пастрмки?

5.
Поголем ризик, поголема добивка. Ако во ракетата има место само за еден космонаут, подобро да не е женет, и зад него да не стои никој што би бил нажален во случај на снемување кислород или експлозија при полетувањето…

6.
Замисли го Гагарин (Јуриј) како јава на Хигсов бозон.

7.
Разумниот човек се приспособува кон светот. Неразумниот космонаут го приспособува бродот кон себеси. Значи целиот напредок во светот зависи од неразумните.

8.
Приказната за опстанокот. Фајт ор флајт. Космонаутот на кој не му се отвора падобранот ја додава третата опција, ем фајт ем флајт. Како му доаѓа тоа: и бори се и бегај… Кое животно би имало корист од човековата способност да се колеба? Не, кај нив го нема тоа. Животните се секогаш одлучни и реагираат во моментот.

9.
Ако планктоните одлучат да влезат во челуста на ајкулата, го прават тоа одважно и без око да им трепне бидејќи немаат око.

10.
Делфините спијат со едното око отворено.

11.
Од друга страна, скромноста е дар на големите луѓе. Тешко е, пак, да се биде скромен кога си никој и ништо! Ако сте забележале, сите луѓе што ја имале честа да бидат испратени во вселената биле исклучително скромни луѓе.

Како и да е, што е критериум за „големина“? Дали големите од скромност спијат на камења, јадат трева и можат да издржат без вода подолго одошто останатите? И како тоа на животните едноставно им е дадено да прават работи што луѓето, колку и да вежбаат, не можат да ги постигнат. Мравки, камили, алигатори, лавови, свињи?

12.
Никој не слуша додека не направиш грешка. Особено контролната кула.

13.
Ако во вселената треба да печеш колач во дигитална рерна којашто не знаеш како да ја вклучиш, вклучи ја со помош на интуиција – притисни и на копчињата на коишто никогаш не би притиснал. Кога ќе дојде времето рерната да се исклучи, исклучи ја од штекер. Што е сигурно, сигурно е. Колачот може да се вика млечен пат.

(продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top