Денеска во Катар ќе се играат последните натпревари од А и Б групата, а меѓу нив и Македонија ќе ја заврши стартната фаза со меч против Австрија во 17 часот. Последно коло и директна битка за втората позиција. нашите ракометари имаат предност од еден бод пред Австрија и ни одговара реми и победа за да бидеме зад лидерот Хрватска во конечниот поредок.
Австрија има интересна приказна и е селекција со многу натутрализирани ракометари. Или поточно со играчи што имаат потекло од други земји, но се родени во Австрија. За земја со скромна ракометна традиција има силна експанзија, а значајно е што во последно време е сѐ поприсутна на големите натпреварувања. И има дури девет ракометари што настапуваат во клубови од германската Бундеслига. Податок што предупредува, иако со нив имаме одличен биланс. На двапати ни беа ривали во квалификациски циклуси за големите натпреварувања и успевавме да бидеме подобри. Ги победивме и лани на ЕП во Данска со 22-21.
Долго време кај Австријците алфа и омега е плејмејкерот Виктор Шилаѓи, ракометар што е роден во Будимпешта и е Унгарец, натурализиран и игра за Австрија. Во Данска, македонските ракометари успешно го сопреа и тој не успеа да постигне ниту еден гол, што значи дека го имаме рецептот за главниот играч на Австријците.
Во составот го нема најефикасниот ракометар од дуелот во Хернинг против Македонија, Конрад Вилчински. Тој ни даде седум гола, но сега нема да настапи во Катар бидејќи замина в пензија. Повторно ќе треба да внимаваме на левото крило Роберт Вебер, кој ни задаваше многу мака во Хернинг. Треба само да се нагласи дека тој е првиот Австриец што бил најдобар стрелец во силната Бундеслига во Германија за да биде јасно за каков квалитетен ракометар се работи. Од спротивната страна ќе биде опасен и Раул Сантош, а со одбраната командува извонредниот голман Никола Мариновиќ. Потенцијално изненадување на кое треба сериозно да се смета е Никола Билик, момче што ја заслужи наградата за најкорисен играч (МВП) на јуниорското ЕП, лани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.