Клучните приоритети на Република Македонија во процесот на европската интеграција, перспективите и реформите кои се преземаат за реализација на европската агенда, како и очекувањата од Европската комисија во делот на политиката за проширување беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и новиот директор задолжен за Западен Балкан, во Генералниот Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија, Жан Ерик Паке.
Вицепремиерот Бесими истакна дека и покрај должината на процесот, евроатлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја и дека Владата напорно работи во спроведување на зацртаните реформи.
– Владата веќе има усвоено и ја следи реализацијата на акцискиот план на селектирани приоритети врз основа на препораките на Европската комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, како што се слободата на изразување и медиумите, судството, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и изборните реформи – рече Бесими и истовремено ја нагласи потребата од засилен интерес и преземање на конкретни чекори од страна на Европската унија во насока на надминување на препреката наметната со долгогодишниот спор со името, со цел што поскоро отпочнување на пристапните преговори.
Тој уште еднаш побара да се одржи Регионална министерска конференција за евроинтеграциските процеси на земјите од регионот, што беше поздравено од страна на соговорниците.
Директорот Паке, ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на реформските процеси во нашата земја и изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.
На состанокот, на кој присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав и претставници на Европската комисија и Делегацијата на Европската унија. беше истакнато дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан останува во агендата на Европската унија и Европската комисија.
Беше дискутиран и статусот на спроведување на ИПА и Акцискиот план за подобрување на искористеноста врз основа на научените лекции од претходниот период во светло на ИПА 2.
Во текот на утрешниот ден дискусиите во доменот на ИПА ќе продолжат во рамките на Заедничкиот работен комитет за следење на сите компоненти од ИПА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.