| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја објави „Правната положба на Македонците во Југославија“ од Карл Штруп

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна од печат излезе книгата „Правната положба на Македонците во Југославија“ од германскиот научник Карл Штруп, кој првпат ја објавил на француски јазик, во 1929 година, во Париз. Книгата од француски ја преведе Ирина Кроткова.

Карл Штруп е еден од неколкутемина германски научници што во првите децении на 20 век ја проучувале Македонија и, како резултат на таквите проучувања, зад себе оставиле научноистражувачки трудови – значајни сведоштва за минатото на Македонија. Тој ја објавил најинтересната книга за политичките случувања во Македонија пред и по Првата светска војна.

Во книгата за Македонија Штруп зборува за поделбата на Македонија и за бесправната позиција на Македонија во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и сугерира на Македонија да ѝ биде дадена барем регионална автономија во федеративна Југославија. Карл Штруп бара еманципација на Македонците, односно живот во рамките на една балканска федерација. Во оваа книга тој тврди дека Маке­дон­ците, со оглед на својата народност, религија и јазик, не се Срби, а тоа го докажува врз основа на извонредната презентација на историјата на Македонците од антиката па дотогаш.

Во оваа студија Штруп првин ја изнесува правната основа на положбата на Македонците, повикувајќи се на меѓународните правни акти, притоа третирајќи го македонското прашање како проблем на малцинство, „оценет не како политички или како правно-политички проблем, туку како евентуално решение за истражување“. Според него, македонскиот проблем е чисто национален проблем. Потоа, во ретроспекцијата на борбата за македонската посебност и државност, тој анализира три периоди: првиот период – од антиката до освојувањето на Македонија од Турците (крајот на 14 век), вториот период – од почетокот на турската доминација до создавање на Бугарската егзархија и на плебисцитот од 1872 година, и третиот период од основањето на бугарската егрзархија до договорите од Нејли и Сен-Жермен (1870-1920).

Во резимето, меѓу другото, Карл Штруп пишува:

„…Припадниците на Југославија произлезени од Македонија, која стана српско-хрватско-словенечка, претставуваат, според малцинскиот договор од 19 септември 1919 година, етничко малцинство. Од објективна гледна точка тие се разликуваат најпрво по својата историја, која, често заедничка, никогаш не се конкретизира со едно интензивно чувство и секогаш претставуваше едноставна врска меѓу победници и победени, поточно положбата на македонските бегалци во Бугарија е истата како на борците на ВМРО во Југославија. Овие припадници се разликуваат според јазикот. Последните научни истражувања на Вајганд (можеби најдобриот сегашен познавач на Македонија и на други, исто така имаат дадено убедлив доказ во врска со ова. Од нивните истражувања произлегува дека, додека Србите не познаваат ниту член, ниту деклинација, македонците, исто како Бугарите, ги користат многу широко. Од друга страна, доколку славни српски научници, на пример географот Цвијиќ, сакале да ги инкорпорираат Македонците во Србија, тоа е затоа што овие слава „СЛАВА“. Но не треба да се изгуби од вид фактот дека многу народи го прифатиле обичајот на божиќното дрво, без да се заклучи дека тие се со германска националност.“

„Правната положба на Македонците во Југославија содржи и 22 географски карти и една обемна компаративна табела со статистички податоци за населението во Македонија.

Иако е под влијание првенствено на бугарските извори за Македонија и на резултатите што ги објавиле некои членови на германско-бугарската научна група, наречена „Македонска земска комисија“ која во текот на Првата светска војна (1917 и 1918 – кога на територијата на Македонија се стационирани германски, австриски и бугарски војски), по налог на Министерството за надворешни работи на Германија ја проучува Македонија, Карл Штруп во овој свој труд изнесува интересни анализи, но и многу недоволно познати податоци и сознанија за историјата на Македонија.

Карл Штруп (1886, Гота – 1940, Париз) бил познат германски правник и стручњак за меѓународно право. Бил професор по јавно право на Универзитетот во Франкфурт на Мајна, придружен член на Институтот за меѓународно право, член на Меѓународната дипломатска академија, дописен член на американскиот Институт за меѓународно право, професор на Академијата за меѓународно право во Хаг, директор на Речникот за меѓународно јавно право и дипломатија, кодиректор на списанието за меѓународно право Reitschrift fur Volkerrecht, член на бирото на германското Здружение за правата на луѓето.

Автор е на неколку научни трудови за меѓународното право и дипломатијата и граѓанското право, меѓу кои најпознат од нив е „Документи за историјата на меѓународното право“ во пет тома (1923). Од 1923 до 1933 година е професор по меѓународно право во Франкфурт на Мајна, но прогонуван од нацистите бил принуден да избега од Германија и емигрирал во Истанбул, Турција, од каде пак, во 1935 година заминал во Франција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top