Утре во Чифте Амам, во 19 чсот ќе се отвори изложбата „Диктатура и демократија во ерата на крајностите – Сеќавање и споменување“ а по повод Елисејскиот договор, склучен пред 52 години на 22 јануари 1963 година помеѓу канцеларот Аденауер и генералот Де Гол.
Изложбата ја организира амбасадорката на Сојузна Република Германија, д-р Кристине Алтхаузер, и амбасадорката на Република Франција во Скопје, Лоренс Оер.
Изложбата дава преглед на еден век од европската историја. Таа го раскажува 20-тиот век како драматична приказна меѓу слободата и тиранијата, меѓу демократијата и диктатурата. Плакатите се на германски јазик, брошурите на француски, албански и македонски јазик. Фотографиите потекнуваат од многу европски архиви.
Со потпишувањето на Елисејскиот договор тогашната Сојузна Република Германија и Република Франција го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на посебно пријателство и соработка кое трае веќе 52 години. Со тоа започна една извонредна билатерална соработка помеѓу двете држави, практично во сите области: политика, одбрана, економија, младина и образование.
Елисејскиот договор се спроведува преку редовни средби на владино ниво, но и на ниво на администрациите на двете земји, кои редовно применуваат обострана размена на државни службеници и воспоставија меѓуминистерска комисија за соработка. Постојат голем број на збратимени градови, а во тие рамки и соработка меѓу граѓанско-општествените организации.
Поради нејзиниот посебен карактер, германско-француската соработка игра важна улога во процесот на европското обединување, а со тоа на Германија и Франција им припаѓа и значајна улога во врска со македонското доближување на Европската Унија. Германско-француското пријателство покажува дека надминувањето на предрасудите е можно и дека дијалогот и меѓусебното почитување на историјата, традициите, културата и јазикот на другиот претставуваат плоден развој за сите.
Воедно со потпишувањето на Елисејскиот договор беше основана и Германско-француската младинска организација (ДФЈВ), која оттогаш поврзуваше безброј германски и француски млади луѓе. ДФЈВ реализира проекти и во трети земји, а меѓу нив и во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.