| четврток, 6 декември 2018 |

Политичка култура

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Според информациите што се достапни преку јавните медиуми, станува очигледно дека владејачката партија СДП побарала да бидат преиспитани официјалните изборни резултати од претседателските избори во Хрватска и легалноста на целата постапка на прогласување на победникот, за која, најверојатно, ќе треба да се изјасни и Уставниот суд на Република Хрватска. Без оглед на правната дилема, дали минималната победа (малку повеќе од еден процент од гласовите) е чиста и дали ќе се примени членот 94 од Уставот на Република Хрватска, кој утврдува дека за прогласување победник на изборите е потребно да биде усвоено мнозинство гласови од сите избирачи кои гласале на изборите или член 17, став 4 од Законот за избори на претседател на Хрватска, каде што е утврдено дека за победа е доволно мнозинство од излезените гласачи, сепак можеме да констатираме дека на хрватската политичка сцена беше искажан еден висок степен на постоење политичка култура одговорност, достоинство и заемна почит. Дополнителен аргумент во наведената насока е фактот дека доскорашниот претседател на оваа држава, Иво Јосиповиќ, на својата противкандидатка Колинда Грабар Китаровиќ веќе и официјално ѝ упати честитки по повод нејзината изборна победа.

Таквиот чин кај мене отвори едно важно прашање и дилема, дали по одржувањето на минатогодишните претседателски и парламентарни избори во Република Македонија политичките актери требаше да постапат на идентичен начин како во Хрватска, односно доблесно и гордо да биде признат убедливиот пораз и да му биде упатена честитка на победникот од истите. За волја на вистината, кај нас видовме и сè уште гледаме една сосема поинаква слика, во која без веродостојни правни аргументи и реално засновани оправдувања поразените на изборите и натаму опстојуваат на ставот дека не ги признаваат резултатите од истите, не ја признаваат институцијата Претседател и легитимноста на легално избраните пратеници во македонското Собрание. Да се потсетиме дека од моментот на официјалното објавување на резултатите од претседателските и парламентарните избори до денес поголем број избрани пратеници го бојкотираат своето учество во рамките на редовните активности на Собранието, иако притоа не се откажуваат од материјалните бенефиции (плата) кои произлегуваат од извршувањето на функцијата пратеник.

За реалноста да биде уште понепријатна, тие што не ги признаваат изборните резултати и победата која беше остварена со разлика над стотина илјади гласови, истовремено бараат организирање на нови избори, формирање техничка влада која би ги спровела истите итн. Таквите барање би биле легални, легитимни, разбирливи и оправдани, доколку зад себе имаат силни аргументи, доколку истите бидат поддржани од мнозинството граѓани или доколку постои несомнена заемна согласност меѓу поголемиот број политички субјекти во државата, што барем засега не е случај.

Сега да одиме и натаму, дури и под претпоставка дека минатогодишните избори во Република Македонија не биле идеално спроведени и дека имало некои несуштински нарушувања во изборниот процес (иако и тоа формално не е докажано), се поставува прашањето дали спроведувањето нови следни избори во период од три до шест месеци ќе донесеа некои поинакви резултати (спроведените анкети во последните неколку месеци не го кажуваат тоа) и дали ќе биде оправдано да се предизвикуваат нови и дополнителни трошоци од буџетот на РМ (средства на граѓаните на РМ) за организирање нови избори, и тоа само затоа што некој заклучува дека не ја исполнил политичката цел и не успеал да ги убеди граѓаните дека го заслужуваат она што според нивните сфаќања мислат дека им припаѓа. За жал, морам да одговорам дека ниту една победа во животот, па дури и во политиката, не доаѓа без соодветно поставени програмски цели кои даваат резултати и на кои им веруваат оние кои непосредно учествуваат во изборот на борците што очекувано треба да ја водат битката.

Уште поневообичаено во сево ова е кога неостварениот успех на домашен план ќе се пренесува како товар и се бара одговорност на меѓународно ниво, непримерно ставајќи ги странците во улога да утврдуваат факти кои се неодржливи и кои водат кон зголемени критики кон домашните институции на системот, нивниот демократски капацитет и волја за почитување на принципите на владеење на правото и човековите права и слободи.

Се прашувам дали има пример од некоја друга европска држава, макар и од нејзиниот југоисточен дел, пред претставниците на меѓународната заедница внатре во државата и при посетите и остварените средби на разните политички центри надвор од државата да се напаѓа сопствениот дом и смислено да се работи против своите интереси? Со мали исклучоци, вашиот одговор веројатно ќе биде негативен и секако веднаш ќе нè упати кон важниот заклучок, дека сериозно доцниме во соочувањето со вистината и потребата истата да биде изнесена на заедничка маса, да си го кажеме она што е потребно да се каже непосредно, лице во лице, веднаш да се излезе со заеднички, разумен и реален договор кој е во интерес на граѓаните и само на нив, да се престане со барањата за надворешни посредници за нешто што е наш проблем – бидејќи со тоа покажуваме дека немаме внатрешен капацитет и способност за разрешување на ниту едно сериозно прашање. Само така и никако поинаку конечно можеме да тргнеме во една заедничка офанзивна надворешно-политичка активност во насока на што е можно поскоро остварување на поставените стратешки државни цели и интереси.

Во наведениот контекст, секако, би сакал да упатам една порака до почитуваните актери на политичката сцена во Република Македонија, дека само рационалниот, функционален и практичен пристап во решавањето на внатрешните политички, економски и други суштински проблеми ќе ни донесе резултати, а кои сите и заеднички посакуваме да го видиме што е можно поскоро.

Не се сомневам дека сите граѓани на Република Македонија сакаат да живеат во мирна и безбедносно стабилна држава, каде што постои функционален и хармоничен меѓунационален и меѓуверски дијалог и соработка, која има изградена единствена и цврста позиција во однос на прашањето за надминување на разликите околу употребата на името со Република Грција и држава која има добри односи со соседите. Истовремено верувам дека ни е потребна цврста монетарна и финансиска стабилност, пораст на странските инвестиции, раст на домашниот бруто-производ, засилен културен развој, реформирана функционална и извонредна администрација, подобар образовен и здравствен систем, ефикасно судство, слободни медиуми и високо почитување на човековите права и слободи.

Целосната реализација на наведените цели ќе ни овозможат зацврстување на угледот на државата, верба во одржливиот економски развој, подобра перспектива и реален живот на граѓаните и пораст на заедничка самодоверба, по што остварувањето на најзначајните надворешно-политички стратешки цели, односно членство во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ, ќе бидат целосно и реално остварливи и ќе претставуваат само еден мал, но значаен елемент од прекрасно составениот мозаик.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top