| четврток, 6 декември 2018 |

Фабиус: Франција ја цени поддршката од Македонија

Министерот за надворешни работи и меѓународен развој на Франција, Лоран Фабиус му се заблагодари на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за пораката со поддршка и солиданост упатена по повод минатонеделните териристички акти во Париз и нападот на весникот „Шарли ебдо“.
­

– Терористичкиот напад врз весникот „Шарли ебдо“ ја погоди Франција во срце. Во име на француската влада и народ сакав да ви изразам искрена благодарност за силната порака на поддршка и солидарност која во овие трагични околности и ја упативте на Франција – вели Фабиус во пораката на благодарност упатена до Македонија.
Потребна ни е, додава францускиот министер, колективна и обновена определба за одбрана на слободите и заедничка борба против тероризмот.
­

Франција ќе продолжи со напорите во таа насока и знам дека можам да сметам и на поддршката од вашата земја, потенцира Фабиус.

Република Македонија преку своите институции и Министерството за надворешни работи минатата недела го осуди варварскиот напад на седиштето на весникот „Шарли ебдо“.
­

Во овие тешки моменти би сакале да ја искажеме нашата поддршка во борбата против ова варварство кое пркоси на вредностите кои ни се драгоцени, како што се слободата на мислење и изразување, напиша министерот Попоски во писмото до својот француски колега.

Тој додаде дека Република Македонија остро ги осудува овие кукавички акти на терористите и застанува рамо до рамо на страната на Франција во борбата против тероризмот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top