| четврток, 6 декември 2018 |

Консеквенции

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Старата македонска мудрост вели куче што лае, не каса. Но, искуството ни докажува дека сите генерализации имаат некој исклучок и како такви се погрешни. И тоа не е сè, кучето штом лае, покажува извесен анимозитет кон оној кон кого лае, а тоа што не е подготвено да касне сведочи за неговата интелигентна процена. Имено, доколку тргне да каса, без претходно да ги испита моќите на субјектот кон кого тргнало со окатена челуст за да кине меса, може да налета на моќен опонент и тешко да настрада, без оглед дали се работи за човек, животно или некоја машина, која разбеснетиот пес ја препознал како непријател, обично напаѓаат автомобили на патот. Така и страдаат, но таков е животот кучешки.

Интелигентното куче останува на лаењето. Подмолноста да се молчи и без предупредување да се нафрли врз целта на омразата, обично завршува фатално по него. Нема место во општеството, каде што човековите интереси не ја водат играта. За кучиња кои молчешкум напаѓаат, тука секогаш ќе биде шинтерската служба која ќе ги улови, а потоа ќе ги успие во нивниот „прифатен центар“. Некои кучиња го знаат ова, некои, пак, не, а овие последните сè помалку ги има во просторот урбан, рурбан и природен.

Кучето што лае е паметно куче и се однесува во рамките на прифатливото. Неговата конвенционалност да лае и да не каса му обезбедува сигурна иднина, која, пред сè, се базира на предвидливоста. Луѓето, а не само луѓето, не сакаат непредвидливи ситуации и посебно им се одвратни шоковите кои доаѓаат од неочекуваните непријатности, како што е, на пример, еден изненадувачки крвав напад од некое помало или поголемо монструозно суштество. Во таква ситуација нема милост. Оваа безмилосност е секако предвидлива реакција и доаѓа од афектот и зголемениот квантум адреналин. Доколку, пак, малку се стрпиме, доколку нападот на подмолното куче што не лае, а нè каснало, било бенигно и без последици, тогаш може и да му простиме, а тоа да извлече жива глава, за среќа на помалите деца и љубителите на животни.

Посебно жестоко се плаќа манирот на кучето што не лае, а каса во меѓучовечките односи, кога кучето станува метафора за човекот. Таквиот однос, доколку стане практика, навестува манијакалност, а таквата настраност е крајно неомилена во човековото општество. Многу институции со долга традиција во историјата на човештвото, какви што се, на пример, затворите или лудниците, се преполни со луѓе кои, подобни на кучињата – не лаеле, а каснале, понекогаш и со фатални последици, за што сведочат и нивните доживотни пансиони во овие непријатни и депресивни установи. Чест на исклучоците, кои биле наклеветени и се мачат без вина.

Но, да се лае и да не се каса е една прекрасна придобивка на еволуцијата на човековото општествено уредување. Таму каде што кучињата што лаат, а не касаат ги снемува од улиците и општествените форуми е знак дека речиси сигурно имаме отсуство на демократија и имплементација на тоталитарна диктатура, без оглед на тоа од која политичка провиниенција е главно командувачкиот фактор.

Тоа, пак, што во нашата држава имаме цели глутници пци што лаат и лаат, а не касаат, пред сè поради добрата прагматична процена, дека немаат моќ да каснат, сведочи за еден релативно поволен демократски амбиент, кој е ноторен факт, без оглед на тоа што сите овие гротескни лјангачи и пудлици што лаат, всушност, дигаат бура во чаша вода и исто така импотентно и карикатурално ламентираат за фашизмот, кој, еве, зацарил во нивната држава, град и двор. А, меѓународната никако да интервенира!?

Но, пазарот на политичките афинитети е голем и отворен, па овие мегафони на незадоволството можат со своето лаење да сензибилизираат по некој нивен истомисленик во однос на политичко-општествената ситуација во земјата и така да се окрупнуваат сè повеќе и повеќе, сè до оној момент кога веќе нема да има потреба од лаење и кога ќе можат без предупредување да нападнат на бастионите на власта.

Тогаш земјата ќе се потресе од нивната сила и незадоволство, а крвавите им челусти ќе кинат меса од телата на оние кои им стоеле на патот до власта, во која се фатално вљубени.

Тоа ќе биде револуција. Тогаш лаењето ќе се претвори во победоносна песна, а непријателите ќе паѓаат пред новата сила – родена во крв, како снопје. Бившите галамџии сега ќе ја фатат позицијата. Гилотињата ќе работи 24/7, на плоштадот и по кејот ќе се тркалаат отсечените глави во потоци од крв. Најголемата река во државата која поминува низ главниот град, а чија длабочина изнесува околу еден метар, ќе биде преполна со глави, како некој базен во некоја фабрика за преработка на зеленчук, што е крцат со цвекло. Насекаде ќе биде доминантна крваво-црвената боја, бојата на револуцијата. За интелектуалците се резервирани бесилки, а за оние кои му биле апологети на паднатиот режим ќе бидат обезбедени колци, сходно на нивната ретроградност и анахроност, да го почувствуваат класичниот ориентален начин на болна и бавна смрт.

Тоа ќе биде ден кога пците што лаеле, а не касале, ќе се претворат со пци што не лаат, а ужасно касаат, што кинат грклани и екстремитети, што нема да ја направат истата грешка што ја направија нивните претходници, кога во името на демократијата ги оставија своите политички опоненти да лаат.

Наравоучение од сето тоа е следново: кучето што лае, а не каса и кучето што не лае, а каса е едно исто куче. Само зависи од контекстот, кога тој пес што лаел, а не касал ќе се трансформира во куче што не лае, а каса.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top