| четврток, 6 декември 2018 |

Моќта на индивидуалната приказна

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Многупати ни се случува да изградиме став врз основа на приказна раскажана од наш познаник, пријател, познаник на наш познаник. Секогаш е полесно да прифатиме нечија реалност отколку да ја градиме одново, со оглед на трудот и времето кои треба апсолутно да ги вложиме со цел да ги покриеме сите аспекти на една нова сторија. Да се верува во определена работа или да се генерира определена слика во јавноста не секогаш е целосно право на личен избор. Медиумите и другите канали на комуникација имаат значително влијание, а кои суптилно наметнуваат еден став, за кој ретко кога се дискутира дали е издржан, конструктивен и релевантен. Како и во Орвеловата 1984, Министерството за правда не секогаш ја врши работата за кое е основано.

Обично во рамки на секое државно уредување, освен медиумите како катализатори на поширокото јавно мислење или определена вистина, се појавува и цивилното општество како засегнат фактор на алармирање за состојбите и потребите на определени групи граѓани. Критицизмот во основа има здрав корен само тогаш кога нуди контрааргументи или прифатливи алтернативи во согласност со базичната потреба од реформи. Токму затоа, основите за кои се формираат определени асоцијации или здруженија на граѓани или, пак, фондации секогаш треба да бидат предмет на интерес на поширока група граѓани кои се идентификуваат како нивни членови или поддржувачи.

Ако ја погледнеме ситуацијата во Р. Македонија, лесно можеме да забележиме дека генерално едни исти здруженија на граѓани се јавуваат како засегнати страни во многу области: од младински активизам и студентско движење, до заштита на правата на кучињата-бездомници и кревање на еколошката свест. Секако, сите овие цели се добри во смисла на општественото здравје, но колку се истите легитимни да бидат повод за дејствување на здруженија со нејасно дефинирани цели? Напротив, се добива впечаток дека определени (најчесто младински) организации се специјалисти за секоја област и во рамки на своите ресурси располагаат со доволно широк распон на финансиски и кадрови средства, та ако почнат да решаваат еден по еден проблем кој го сметаат за релевантен, ние и воопшто би немале проблеми. Ако сите тие финансиски средства наменети за кампањи, обука, семинари, летни школи и академии би биле насочени кон добивање конкретни продукти и биле конструктивно предложени на страните кои секогаш се сметаат за непријатели, воопшто и немаше да има простор за дискусија дека Р. Македонија има здраво цивилно општество.

Ситуацијата станува уште покомпликувана кога определени групи или општествени асоцијации ја користат ситуацијата која нормално во даден момент е непогодна за вкусот на поголема група луѓе за реализација на апсурдни и замислени цели, во основа неконструктивни и нихилистички. Моделот на растурање на еден сојуз, една организација, а притоа непонудување алтернатива за подобар избор, не кажува ништо повеќе од тоа дека грантот земен за определен замислен проект, треба да биде како-така потрошен. Затоа се случуваат ситуации како во Русија, каде што дејствувањата на определени организации се забранети бидејќи со ништо не го подобриле квалитетот на општеството за кој неуморно и храбро се залагале. Ако и воопшто се залагале.

Релативно е едноставно да се филтрираат нечии ставови во ситуација на вжештена атмосфера, каде што се размислува со срце, а не со разум. Додека на едната страна се нудат конкретни предлози и аргументација на јазик разбирлив за сите, во Р. Македонија определени организации на цивилниот сектор и натаму продолжуваат неконструктивно да печалат на грбот на масата. Во тоа се состои моќта на индивидуалните приказни.

Злоупотребата на нечија негативна енергија и бес поради политичка или неполитичка немоќ преминува во една генерална приказна која се товари на грб на една цела општествена група, како што се младите. Токму затоа секој треба да се ангажира кон креирање на сопствена вистина околу определена материја макар и да стане збор за една обична реформа, наместо да прифати сервирани ставови зад кои не е јасно која е побудата.

Без оглед на леснотијата на прифаќање наспроти напорот кон разоткривање определени вистини, секој е одговорен за своето дејствување по што следува и обемот на слобода кој тој ќе го ужива во рамки на една хумана средина. Како што пишува и Хемингвеј, најбрзиот начин е вршењето на определена работа, а тоа е повторно наш и само наш избор.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top