Стари и ’рѓосани кафези, тесни живеалишта, калливи патеки, незадоволни животни, уште понезадоволни посетители. Ако требаше со еден збор да се опише состојбата на битолската Зоолошка градина пред комплетната реконструкција, најсоодветен би бил зборот – тажно.
Сега приказната е друга. Живеалиштата на животните добија нов изглед, а децата ново забавно и едукативно катче. Во рамките на проектот „Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин – ЗОО иноватива”, кој Центарот за развој на пелагонискиот регион го реализира во партнерство со Зоолошката, Општина Битола, Општина Лерин и Регионалната развојна агенција од Лерин, втората по големина Зоолошка градина во Македонија, конечно, го доби ликот што го заслужува.
Во втората половина од годината нов дом добија мечката, рисот, лавот, тигарот, лисицата, ракунот, мајмуните, направена е нова фарма за домашни животни, а ново руво добија и двата комплементарни објекти – влезот и билетарницата.
Кон решенија за комплексноста на оваа задача, тимот проектанти од студиото „Есперанца дизајн“ пристапи со еден сосема нов концепт. Ако досегашната претстава за живеалиште беше кафез со минимални димензии, новите живеалишта нудат средба со животното во амбиент на негово природно опкружување, во отворени живеалишта со големи тревни површини, пештери, водени површини и базени, сенки и платформи.
- Оваа пејзажна архитектура претставуваше посебен предизвик за тимот проектанти. При уредувањето на отворените живеалишта и формирањето нови содржини во слободните зони околу главната пешачка артерија на зоолошката градина посебно се внимаваше на прекрасниот наследен амбиент и на опкружувањето. Максимално е задржана драгоцената конфигурација на теренот, а постојните зелени површини, паркови и екокатчиња се дополнително збогатени со урбана опрема, едукативни содржини и пунктови за одмор – вели Татјана Шундовска, дипломиран инженер архитект од студиото „Есперанца дизајн“.
Едно од главните барања за проектот беше потребата од живеалишта што ќе бидат функционални преку целата година. Новите живеалишта содржат затворен дел, објект кој се користи како зимско живеалиште, и отворен дел, ограден двор засебен за секое животно, кој се користи како летно живеалиште.
- Со оглед на ниските зимски температури во Битола, а имајќи предвид дека голем дел од видовите присутни во Зоолошката градина во природата се среќаваат во топлите краишта на Земјата, овој нов момент дополнително го усложни, од функционален аспект, веќе сложениот концепт на секое живеалиште одделно. Неопходно беше оформување зони за посетители, од безбедносен аспект комплетно заштитени, а во исто време доволно транспарентни за визуелни контакти со животните, и на крај, оформување сервисни зони за негуватели, скриени од погледите на посетителите, преку кои се овозможува безбеден пристап до секое катче на живеалиштето – вели Шундовска.
Поради конкретните потреби на различните видови животни-жители на Зоолошката градина во Битола, сите живеалишта меѓусебно се разликуваат по својата квадратура, висина, поставеност на просториите, видот и големината на отворите, видот и цврстината на металните и на стаклените прегради, подот и опремата вградена во зимските живеалишта. Новите живеалишта се градени со употребата на природни материјали, дрво, камен, тула за да го надополнат и збогатат природниот амбиент, а максимално вкомпонирани во современ изглед на објектите.
Зоолошката низ бројки:
- Основана е на 1 мај 1950 година со помош на зоолошките градини од Скопје, Загреб, Белград и од Суботица.
- Број на животни – 200
- Број на видови – 40
- Проектот изнесува околу 1,2 милион евра (обезбедени од Европска унија), 700.000 евра (85% се обезбедени од делегација на ЕУ и 15% од Министерството за локална самоуправа) беа наменети за реализација на проектните активности во Република Македонија, а останатите 500.000 евра се наменети за реализација на проектните активности во Република Грција.
Без разлика на студените битолски денови, изминатите два викенда откако свечено беше отворена, Зоолошката беше преполна со посетители. Задоволни се децата, но најмногу родителите.
Битолчани, секогаш горди на своето, велат дека сега слободно ќе ги носат своите гости на Тумбе кафе.
- И јас се чувствувам како дете. Изгледа прекрасно, европски, чисто е, средено. Конечно без страв можам да доаѓам овде со моите деца – вели една мајка.
Мала, но компактна, Зоолошката градина во Битола е изработена по сите стандарди и препораки на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.
И од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион се задоволни од новиот изглед на живеалиштата во Зоолошката градина во Битола.
- Особено сум горда и на дигиталниот едукативен пакет кој беше изготвен во рамките на проектот, а кој содржи цеде со едукативни часови кои ќе се спроведуваат на часовите по биологија, игра „хепи зу гејм“ на социјалната мрежа „Фејсбук“ и зооедукативен квиз – вели раководителката на Центарот за развој на пелагонискиот регион, Емилија Ѓероска.
Оттука, следува и наградата Златен сертификат за воспоставениот волонтерски систем во Зоолошката градина во Битола, што претставува вистинско решение за анимирање на посетителите и практично овозможува секој посетител што доаѓа во Зоолошката градина во Битола од самиот влез да биде анимиран од страна на волонтер и да добие информации за едукативните тури што постојат во Зоолошката градина во Битола.
И Штип доби ЗОО
По Скопје и Битола, Штип е првата општина од источниот дел на Македонија што доби Зоолошка градинка. ЗОО паркот „Бриони“ се наоѓа во рамките на постојниот парк во градот. На површина од 5.000 квадратни метри, поставени се десетици боксови, во кои се сместени дива коза, пони, дива свиња, срна, паун, гуска и неколку други видови птици.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 123. број на неделникот „Република“, 9.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.