Македонските здруженинија за заштита на животни остро реагираа на измачувањето на животните од страна на вевчанските василичари за време на традиционалниот карневал.
Во името на сите нив, како и на поголемиот дел на граѓани кои се згрозени од ваквиот чин, реакција до јавноста упати Здружението за заштита на животни „Анималиа“ од Охрид.
Ви го пренесуваме целиот текст.
Згрозени сме од фотографиите и информациите добиени за Вевчанскиот карневал, кои без дилема покажуваат дека за време на истиот се овозможил садизам и се толерирало насилство врз животните!
Најостро ги осудуваме злоупотребата , мачењето на животните кое се случи на улиците на Вевчани, за кое ни сведочат бројни потресени граѓани и посетители кои приложуваат слики како доказ за тој морбиден чин.
После реакцијата на Анималиа за овој немил чин, веста набрзо се прошири ширум Македонија, но и надвор од нејзините граници. Ние, заедно со здруженијата Анима Мунди (Скопје); Гласот за животните (Велес); Animal world (Струга); Втора шанса (Кочани); Мали херои (Битола); Фауна (Куманово), видно потресени од овој чин се обраќаме до организаторите на Вевчанскиот карневал, Министерството за култура кое ја спонзорира оваа манифестација, општина Вевчани и бараме соодветна реакција на МВР кои се должни да ги санкционираат оние кои не го почитуваат Законот за заштита и вблагосостојба на животните и Кривичниот законик.
Љубители на животни (меѓу кои и малолетни деца!) ни пишаа за случката на која биле сведоци. Имено, на карневалот во Вевчани, неколку маскирани момчиња на стап имале врзано куче и го удирале со стапови. Кучето било мртво (не се знае дали како резултат на овој морбиден чин или претходно било мртво), за на крај да го фрлат во огнот. Исто така, сведоците ни потврдија дека и живи кокошки биле бодени на вили и усмртувани; живо куче со заврзани очи влечено (приморувано) да оди во толпата народ, иако од превезот не гледа ништо и јасно покажува паника, стрес и уринира од страв; натоварени магариња и коњи приморувани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат; обезглавени зајаци!
Како Здружение за заштита на животните, но и како морални, осетливи човечки битија, крајно сме згрозени од овој морбиден чин. Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и истолерира насилство, страв и крв, безумие! Која ли траума и мачење е тоа за животните? Која ли траума за посетителите на овој традиционален настан, меѓу кои и многу дечиња? Што сака со овој „маскенбалски чин“ да се постигне и дали е ова дел од традицијата човечна? Како ли може да се исмејува нечија смрт? Е тоа човечно? Е зарем ова културен чин кој треба да биде промовиран од владата на РМ и министерството за култура?
Апелираме и психолози сериозно да го испитаат менталниот склоп на овие личности, со оглед на тоа што ова е само предепизода на манифестирање насилство врз луѓето (впрочем, истражено е дека грото од злосторниците пред да прибегнат кон убиство на некој човек, претходно имале малтретирано животинки).
И да, некој мудар човек (Питагора) одамна рече: Се’ додека се убиваат животинки, ќе се убиваат и луѓе. И да знаете дека не згрешил!
Во прилог доставуваме фотографии кои го потврдуваат овој грозоморен чин, а кои ги последуваме и до Агенцијата за храна и ветеринарство со барање итно да се постапи согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, а кој вели дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди ,сурово или нехумано однесување – бараме да ги откријат поединците кои стојат зад овие злодела и најстрого и без исклучок да ги казнат!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


