| четврток, 6 декември 2018 |

Отровот на улиците е опасен за сите, масовното труење на животните мора да престане

Социјалните мрежи се преполни со апели да престане масовното труење на животни, кое следи по неколкуте напади од страна на кучиња во кои беа повредени и неколку деца. Отровите на јавните површини се опасни за сите.

Активисти за заштита на животните известуваат дека на повеќе места низ Скопје деновиве е расфрлан отров, кој може да убие и човек.

Отров е забележан на Партизанска кај Универзалната сала, каде веќе се отруени мачиња, како и на уште неколку места во центарот на Скопје – во околината на зградата на ВМРО-ДПМНЕ, Фершпед, Водовод, Министерство за правда и Министерство за труд и социјала, кај Неуромедика, во Капиштец кај паркчето спроти Католичка црква и околу трговскиот Беверли Хилс. Отров има и во општина Аеродром во близина на црквата Св.Илија.

 

Инаку, поставувањето отров е кривично дело и за тоа се одговара. Отруените животни се мачат и умираат во гешка агонија, а истиот може да биде кобен и по животот на децата.

Од „Анима Мунди“ велат дека лажните податоци не носат добро никому туку создаваат хистерија, а граѓаните и животните ги изложуваат на многу поголема опасност, опасност од отрови кои во моментов масовно се злоупотребуваат и од кои и човечки жртви се само прашање на време.

Како резултат на непроверената вест за повторни напади од кучиња отрови се поставени на високофрекфентни локации во Центар , Карпош и Аеродром, а се отстранети од одговорни граѓани и активисти, кои на овој начин исто така се изложени на опасност, затоа што одредени нервни отрови го загрозуваат животот и со само вдишување.

-Ги повикуваме институциите да превземат конкретни мерки и да се превенираат/евидентираат/казнат сите лица кои во храна поставуваат нервни отрови кои се фатални како за животните така и за луѓето и кои дејствуваат во потполна разорна моќ во само 10 минути, дури и пократко. Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава, издвоените случки како овој не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде човеков најверен пријател. Животните не се криви што завршиле на улица и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот бр.1 за нивното постоење – неодговорното чување, неконтролираното размножување, фрлањето на милениците на улица, велат од Анима Мунди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top