Годишните прогнози се редовен дел во јавната комуникација во првите десет дена од годината. „Република“ даде свое видување на очекувањата од оваа година. Споредувајќи ги, тие не отстапуваат од предвидувањата на релевантните хроничари на денешницата. Секако дека деновиве во јавноста се слушнаа и разни предвидувања на аналитичари кои повеќе се производ на лични желби и на политички страсти отколку на реална анализа. Но, доколку цврсто се држиме до реалноста, тогаш да се потпреме на релевантните фактори. Првично, на политичките платформи пренесени во годишните пораки.

Груевски: Најмалку 25 нови инвестиции
Пред новогодишните и божикни празнувања, по теркот на отчет, кој, рака на срце, и го вметна во политичката практика во Македонија, премиерот Никола Груевски кратко се осврна на достигнатото, но како увод во најавите за оваа година. Тој на граѓаните им посака добро здравје, многу љубов, спокојство и лични успеси и на приватен и на професионален план.
– Нека чувството на среќа во 2015 година ве обземе повеќе отколку во минатото, нека се остварат повеќе лични и семејни желби и планови, нека Бог ни дари добра мисла бидејки какви ни се мислите, таков ни е животот – посака Груевски.
Груевски најави најмалку 25 нови компании во 2015 година, продолжување со напорите за членство во ЕУ и во НАТО, многу работа за градежниот сектор и изградба на капитални инфраструктурни објекти, реформи во образованието, инвестиции во здравството. Груевски посочи и на подадената рака за соработка со опозицијата надевајќи се дека откако доживеа еден од најтешките порази во нивната историја во 2015 година ќе извлече поука од сопствените грешки и ќе ја разбере пораката на народот. Подадената рака е од интерес на државата и на народот, демократијата и иднината.
– Со гнев, злоба, без идеи и проекти, со неумесни условувања, со манипулации и интриги не се освојува поддршката на граѓаните. Напротив, со многу труд, работа, посветеност, искреност и креирање добро обмислени и пресметани идеи за сите граѓани – укажа Груевски.
Покрај зафатите во образованието и во здравството, годинава претстојат и измени на Уставот, комплетно нова законска регулатива во администрацијата, пакет крупни измени во судството и други зафати.

Заев: Изминала уште една година…
Порака со желби и видувања беше упатена и од опозицијата. Поточно од лидерот на СДСМ. Во неа се наведени паушални видувања за годината, со умесно вметнато правдање за изборниот пораз и лажен обид за сочувство со граѓаните. Особено што во „поетичниот вовед“ творецот на тоа дело го оставил лидерот „неосвестен“ дека изминала годината.
Дел од критичката јавност очекуваше од него барем да даде уште една најава за неговите бомбашки дејства, да даде конкретни дела во насоки за кои смета дека се релевантни. На пример, во пораката изостанува дел во кој тој се зарекува дека ќе се бори за афирмација на државата и за евроатлантските интеграции преку социјалдемократските клубови и релации со меѓународните политички институции. Или за економско подобрување на граѓаните доколку смета дека не е доволно направено. Или дека, доколку не успее во намерата да предизвика избори, конечно ќе ја видиме фамозната „влада во сенка“ од каде што ќе се нудат алтернативи на институционалните државни политики. Во овој дел може да се набројува уште многу. За споредба на сите овие „или“ го пренесуваме уводниот дел од кусото обраќање на Заев.
„Изминала уште една година. Едвај ги крпевме месеците. Не одлучувавме слободно. Немаме спокојна иднина на децата…“
Па, се надоврзуваат други мисли.
„Но, јас сум добар човек, сакам да сум добар родител и добар граѓанин. Не си само ти пријателе што се мачиш…“
И Заев, од удобната градоначалничка струмичка фотелја посочува на подадена рака. Вели, потребни сме си сите еден на друг. Да си подадеме рака, секој секому, и така цврсто потпрени еден на друг да влеземе во новата година. На него е дали годината ќе ја прифати понудата.

Ахмети: СДСМ да види пример во Албанија
„Не еднаш кажав дека за своите добри идеи за државата, тие имаат добар партнер во ДУИ и ќе ја имаат нашата поддршка“, посочи Али Ахмети, лидерот на ДУИ, коалицискиот партнер во власта.
Тој неколку дена пред новогодишната ноќ им посака да се вратат во собраниските клупи бидејќи тоа „не е само во наш интерес, туку е добро, пред сѐ, за државата“.
– Сакаме опозицијата предводена од СДСМ да се врати во парламентот со своите мандати, како што тоа го стори опозицијата во Албанија. Решението не го гледаме во одземање на нивните пратенички мандати зашто враќањето на пратениците во Собранието на Македонија го отвора патот на дијалогот и ги продолжува дебатите – порача Ахмети.
Ахмети се наврати на желбата за консензуалност, таа што се обиде да ја наметне за избор на претседател, сега најави обид при изборот на државниот грб.
Продолжуваме со нашето залагање да биде прифатена консензуалноста меѓу двете најголеми етнички заедници. Го понудивме консензуалниот принцип и за изборот на државните симболи, додаде Ахмети оценувајќи дека со партнерот во власта …имаме согласност по многу прашања, но има и разлики, за кои разговараме и бараме решенија.
– Треба многу храброст и труд за решавање на крупните проблеми во државата – нагласи лидерот на ДУИ.

Тачи: Ќе знам да ја раководам партијата
Правото за новогодишна желба ја искористи и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. За 2015 година очекува дека партијата ќе зајакне и оти ќе биде главната и најголема партија на Албанците во Македонија.
– Ги уверувам луѓето дека ќе знам да ја раководам партијата кон целите на Албанците во Македонија – вели Тачи. За 2015 година смета дека ќе биде полоша од минатата, а мала надеж гледа во меѓународната заедница.
Наместо заклучок
Кога ќе се сумираат исказите, не е далеку тоа што го предвиде „Република“. По минатата изборна година, годинава фокусот ќе биде ставен врз економијата и врз крупните инфраструктурни зафати што се почнати. Албанскиот партер во власта повторно си посака да наметне нови „правила на игра“, за кои и досега немаше зелено светло. Политички, раката кон опозицијата останува подадена, и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Колкав е интересот СДСМ во целост да се врати во институциите, дури и Мендух Тачи посочи дека ако ѝ е од интерес, меѓународната заедница ќе ја врати СДСМ во парламентот, но таков сигнал не се гледа. Од опозицијата, според пораките и посаканото, ќе се остане на празни флоскули без никаква желба или обид за да се понуди алтернатива на сегашната апатија во која се западнати.
Секако, не смее да не се земат предвид искушенијата што стојат отворени пред Македонија, особено во новото репозиционирање на светските сили на влијанија, во моменти на европска затвореност. Но, како и досега, со добро позиционирање и зафати кон економско зајакнување, Македонија и тоа може да го преброди лесно, како што и во изминатиот период помина низ два такви периода, поттикнати од европските и од светските кризни бранови.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 123. број на неделникот „Република“, 9.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


