Металург е на чекор до четвртфиналето во Лигата на ракометните шампиони, по победата над Динамо во Минск со 26-23. Со прекрасна игра македонскиот шампион стаса на прагот на историски успех. Досега ниту еден наш тим, не бил во друштво на најдобрите 8 екипи во Европа. Реваншот е во Скопје на 23. март.
Металурзите одлично го почнаа натпреварот, и од стартот диктираа темпо и го контролираа резултатот. Поведовме со погодокот на Наумче Мојсоски, а до крајот на натпреварот Динамо не успеа ниту еднаш да поведе.
Скопјани беа цврсти во одбраната, а одиграа многу мудро во офанзивата. Гоце Георгиевски со два гола во финишот на првиот дел, донесе предност за македонскиот шампион од од 14-12, по првиот дел.
Отпорот на Динамо беше скршен во почетните 15 минути од второто полувреме. По 45 минути игра, предноста беше 22-17, највисока на мечот.
Во „Палата на мирот“ во Минск, Металург диктираше темпо, а тивко, околу 4 илјади гладечи ја следеа ракометната рапсодија на момците во сини дресови. Ритамот ни го пореметија судиите. Почнаа да ги исклучуваат гостинските играчи, а во еден момент Металург играше и со два ракометари помалку. И тој удар Мојсоски, Миркулоски, Станиќ и соиграчите го издржаа и на крајот заслужено се радуваа на блескавиот успех. Тој треба да се потврди и во Скопје на 23. март, во салата „Борис Трајковски“
Наумче Мојсоски со 9 гола беше најефикасен на мечот, а кај Металург фантастична партија одигра пикерот Ракчевиќ со 7 погодоци. Сепак силата на тимот е во колективот и сите заедноодиграа голем меч за историја. Кај домаќините, Онуфриенко и Никуленкау беа најефикасни со по 5 гола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


