| четврток, 6 декември 2018 |

Зголемен оптимизам за раст на глобалната и на македонската економија

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Минатогодишните настани на Блискиот Исток (Сирија, Ирак, односите Израел – Палестина) беа силен показател за големата загриженост и страв во светот од неповолниот развој на политичките и безбедносни состојби присутни во наведениот регион, а кој во изминатиот период ја произведе и една од најголемите хуманитарни, односно бегалски кризи во светот. Секако, овде не треба да ги запоставиме и сѐ уште актуелните и загрижувачки состојби во Украина, длабоко нарушените односи меѓу Русија и западните држави, продолжениот ангажман на НАТО во рамките на новата мисија во Авганистан – „Решителна поддршка“, минималниот напредок во преговорите околу иранската нуклеарна програма, постојаните тензии на релација меѓу САД и Северна Кореја и глобалниот раст на тероризмот.

Наведените политичко-безбедносни состојби, заедно со растечката сиромаштија и појавата на еболата, очекувано и несомнено ќе имаат соодветни негативни реперкусии на севкупните глобални економски и финансиски текови во 2015 година. Малите надежи за постигнување посолидни резултати и раст на глобалната економија во оваа година се засноваат на најавите за постепено глобално економско закрепнување, на глобалното намалување на процентот на невработеност, постојаното и постепено намалување на светската ценa на нафтата и нафтените деривати, најавата за постигнување сеопфатен договор околу климатските промени итн.

Очекуваниот забрзан раст на економиите на САД и на Кина се меѓу главните причини кои внесуваат дополнителен оптимизам за раст на глобалната економија во вредности над 2 процента. Релевантните светски финансиски институции и економските аналитичари низ светот очекуваат оваа година растот на американската економија да биде околу 3 проценти, растот на кинеската економија повторно да биде над 7 проценти, за разлика од малиот очекуван раст од 0,8 проценти во рамките на еврозоната, веројатниот минимален раст во Јапонија и веројатната рецесија во Русија.

Според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд растот на глобалната економија во 2015 година ќе биде околу 3,8 отсто, што е далеку пооптимистички резултат од минатогодишниот кој изнесуваше 3,3 отсто.

Истовремено на домашен план, постигнатите резултати во македонската економија во 2014 година влеваат силна доза оптимизам дека и во 2015 година повторно ќе бидеме меѓу првите европски економии со позабележителен економски раст.

Да потсетиме дека македонската индустрија во изминатата година имаше втор најголем економски раст во Европа, дека во последните четиринаесет месеци нашиот раст беше 7,5 проценти, односно над 5 проценти за изминатите десет месеци од 2014 година. Проектираниот економски раст на Република Македонија во 2015 година изнесува 4 проценти и доколку се оствари наведеното ниво, тој ќе биде еден од највисоките во Европа.

Во 2015 година високо на приоритетната листа на Владата на Република Македонија и натаму остануваат активностите кои ќе бидат упатени кон отворање нови работни места, подобрување на севкупната бизнис-клима, привлекување на странските инвестиции, зголемена соработка на македонските компании со оние во слободните индустриско-технолошки зони, зголемувањето на извозот на македонски производи и услуги, поттикнување на претприемаштво и др. Кон наведените активности сериозен придонес ќе даде и изградбата на повеќето инфраструктурни проекти во рамките на подобрувањето на патната и железничката мрежа, унапредувањето на локалните инфраструктурни мрежи, изградбата и реновирањето на поголем број училишта и болници.

Од аспект на странските инвестиции изминатата година за Република Македонија би можела да биде оценета како една од поуспешните, а постигнатите резултати на тој план се резултат на интензивната промоција на земјата како дестинација со извонредна бизнис-клима, кое високо рангирање на меѓународно ниво силно е потврдено преку позитивните извештаи на „Дуинг бизнис“ и на Светска банка. Овде забележителни резултати се очекуваат и во текот на оваа година, а поголем број странски компании веќе ги најавија или се подготвени да ги објават своите нови бизнис инвестиции во различни подрачја на државата.

Во декември минатата година се потпиша договор со американската компанија „Капкон“ која вети отворање фабрика со нови 400 работни места во слободната индустриско-технолошка зона во Скопје, две германски фирми најавија инвестиции во Охрид со обезбедување на 3.000 работни места, американската компанија „Гентерм“ вети повеќе од 2.000 вработувања, а најава за нови инвестиции има и во некои од новоотворените зони во источна Македонија.

Јавно познат факт е дека странските компании во текот на минатата година во Република Македонија внесоа странски инвестиции во вредност од над 250 милиони и истовремено отворија преку 11.000 нови работни. Извозот од слободните зони во текот на 2014 година изнесувал 1,170 милијарди евра и претставувал околу една третина од вкупниот извоз на РМ (тој е дури за 54 отсто поголем од извозот во 2013 година), додека извозот во текот на 2015 година се очекува да биде зголемен за дополнителни 10 до 15 проценти.

Органите и институциите на Република Македонија, обезбедувајќи стабилна економска, монетарна и финансиска политика, овозможија во минатата година да се постигнат забележителни резултати, кои заедно со оптимистичките најави за оваа година дополнително ги поттикнаа странските инвеститори да ја изберат нашата држава како потенцијален и атрактивен центар за упатување на нивниот капитал и место за создавање екстра-профит. Таквите позитивни активности истовремено ги зголемуваат можностите и надежите на нашите стопанственици и граѓани дека и во оваа година ќе бидат реализирани мноштвото од поставените цели за постигнување солиден економски раст, ќе се зголеми економската сигурност, обезбеди подобар животен стандард и ќе се оствари реалната перспектива за понатамошен развој на земјата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top