
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ја продолжува посетата на Индија, каде што пред индиските бизнисмени ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.
Ниските даноци и поволностите што им се нудат на странските инвеститори ќе бидат претставени пред претставници на индиските компании од Калкута и од Џајпур.
Вчера бизнис-форум се одржа во градот Ченаи, каде што индиските бизнисмени беа импресионирани од условите за водење бизнис во Македонија и отвореноста на Владата за соработка со потенцијалните странски инвеститори.
– Импресиониран сум од презентацијата на премиерот. Владата е пријателски настроена кон инвеститорите и отворена за партнерства, бенефициите кои ги нудите за водење бизнис, даноците, поволностите за тренинг и обука се многу привлечни за индиските компании. Главната работа којашто е суштинска за бизнисот е што Македонија може да биде база од која ќе се стигне до 650 милионскиот пазар во цела Европа. Многу е направено од премиерот и Владата, за Македонија да биде потенцијално место за инвестирање во повеќе сектори: фармацевтската индустрија, прехранбената индустрија, земјоделството, информатичка технологија. Задоволен сум што имав можност да слушнам многу позитивни и привлечни работи за можностите за инвестирањето на индиски компании во Македонија – изјави Тетра Ашок, директор на „Тајлор рабер груп“ и претседавач на индискиот Национален совет на индустријата.
Премиерот Груевски на бизнис-форумот истакна дека Владата е ориентирана кон поддршка на бизнисот и е пријателски расположена кон бизнис заедницата, отворена и достапна за контактирање.
– Ако има некој предизвик, лесно може да дојдете до некој директор, министер и до премиерот. Ако дојдете и ги посетите странските компании кои инвестирале, тоа ќе ви го потврдат – истакна премиерот Груевски.
Посочувајќи дека Македонија постигнала голем напредок во реформата на Централниот регистар, Груевски истакна дека државата е број еден во Европа во овој поглед и шеста во светот.
Нагласи дека државата инвестира во отворени слободни економски зони, каде што секој инвеститор во првите 10 години е ослободен од плаќање данок на добивка и персонален данок. Посочи и дека во насока на натамошна либерализација на движењето на капиталот се овозможи странски државјани слободно и директно да купуваат недвижности и градежно земјиште. Додаде дека се вложува и во развој на знаењето во информатичките технологии со што во последниот период значително се зголеми пенетрацијата на интернет, се отвори нов универзитет за информатички технологии, каде се студира на англиски јазик и се врши зајакнување и на останатите факултети за информатичка технологија.
Во составот на македонската делегација се и министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.
Градот Ченаи, каде се одржа бизнис форумот, е најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија, каде главниот акцент е развојот на автомобилската индустрија, како и градежништвото, информатичката технологија, филмската индустрија, а со БДП од 66 билиони долари е на листата на 10 најбрзо растечки градови во Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


