Прличев, поет, преродбеник, борец против црковно-просветната пропаганда на Цариградската патријаршија, воспитувач на илинденската генерација. Од јазичен аспект, Прличев е тродомен автор: македонски, грчки и бугарски што, пред сè, се должи на непостоење стандаризиран македонски литературен јазик. Роден во Охрид, 1829 година, првиот литературен јазик со кој се среќава е грчкиот, кој го користел до објавувањето на „Сердарот“, кога ја согледува грчката фанариотска политика и се откажува од него. Бидејќи чувствувал порив да твори тој нашол спас од фанариотите во своите македонски корени, во Светиклиментовата традиција и почнува да го користи најблискиот стандардизиран јазик во тоа време, бугарскиот. Чувствувајќи невидена фрустрација во овој контекст, во својата автобиографија Прличев ќе напише: „Преведував на бугарски, не како сакав, туку како можев. Знаев дека тој превод не мирисаше многу на бугарски“.
Периодот во кој живее и твори Прличев е познат како романтизам, а во македонската уметност како преродба. Романтичните идеи ги добива првенствено од својот учител Димитрија Миладинов. Како автентичен романтичар ќе изјави: „Секој писател треба да пишува во духот на народот свој и на својата епоха“. Сепак, Хомер бил поетот кому Прличев најмногу му се восхитувал. Не случајно епот е негова рамка за излевање на поетските пориви. За неговото ремек-дело, „Сердарот“, на анонимен поетски конкурс во Атина, ќе биде овенчан со лавров венец и ќе го добие епитетот втор Хомер. Сепак, тоа што најмногу импресионира кај Прличев е борбата за ослободување од црковната власт на Цариградската патријаршија. Оваа борба била водена заеднички од страна на населението во Македонија и во Бугарија, а меѓу главните барања била и обновата на Охридската архиепископија. Охриѓани биле едни од најжестоките противници на Патријаршијата и на погрчувањето што го носела таа.
Во овој период Прличев ја испева една од најубавите македонски песни, „1762 лето“. Песната што со огромно задоволство и самиот ја изведувам, зборува за судбината на последниот архиепископ, Арсениј, кој со указ на турскиот султан е разрешен, а црквата укината. Во овие игри, секако, биле инволвирани и грчки владици од Цариград, а нивната расипаност Прличев ќе ја опее во стиховите: „Ќе пратат владици Грци, / лицем светци, срцем в’лци, / Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв“. Омаловажуван и навредуван, лично незадоволен, Прличев не успеал во напорите за создавање литературен јазик. Со неговата смрт во 1893 завршува една, а почнува нова ера, во која неговите ученици ќе ја формираат ВМРО, а еден од нив ќе ја создаде епохалната „За македонцките работи“.
(објавено во 21. број на неделникот „Република“, 25.01.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.