Кафеаната „Мал одмор“ кај „Симпо“, на улицата Партизанска, одамна не постои. Но, за волја на вистината, сега непостојната кафеана беше само римејк на стариот „Мал одмор“. Тој беше скриен меѓу обичните куќи на улицата 29 Ноември, веднаш зад Универзална. Со оваа синдикално-акчиска меана во далечните 60-ти години на минатиот век го врзувам еден од првите, ако не и прв дочек на Нова година.
Не се сеќавам ни на времето, ни на околностите кога се случи тој, за мене и за неколкуте помали или поголеми учесници, епохален настан: да се биде заедно со родителите на дочек на највеселата ноќ. Колку за појаснување, моите припаѓаа на едно широко, многубројно друштво, кое имаше и свое име „Мау мау“. Долго си мислев дека тоа е нешто поврзано со мачешко маукање или некаква си кратенка што само за нив имаше разумно значење.
По десетлетја одгатнав „Мау мау“ беше племе од Кенија што се споменувало во тие години на вестите на радиото до ослободувањето од колонијално ропство на земјата на Џомо Кенијата,подоцнежниот осведочен неврзан пријател на покојниот маршал. Одредницата племе беше, претпоставувам, најблиската до поврзаноста на мијачките роднини и пријатели, кои заедно го поминуваа секој пријатен и непријатен момент од престојот и животот далеку од некогашните пребивалишта и родни места од под Бистра.
Со чесни исклучоци, меѓу кои и мојот татко, сите беа малтерџии и мајсторинки, а имаше и келнери, заминати уште како деца на гурбет во Белград. Сите од ред имаа кафеански београдски шлиф,полни со сочен хумор, сите од ред беа пејачи, но и со добар цуг, како што велеа. А, и што да не? Беа млади, среќни, сите со убави и едри невести до нив и со чопори џагуриња – од најмали до веќе стасани девојки и момчиња, во зависност од тоа кога и колку престојувале дома, толкаво им било и потомството.
Во „Мал одмор“ како келнер работеше еден член од друштвото и затоа не било тешко да се донесе одлуката за местото на дочекот. Ниту менито не претставувало пречка: ќе се јаде и пие тоа што ќе се донесе од дома. Вечерта на 31 секој дом има толку многу лапачка и пијачка, како да претстои крај на светот или не дај Боже атомска војна. Имаше за неколку прослави или за неколку друштва. Но, кога му влегоа, братче, на мезето, пијачката, па на сармите, прасечкото и на другите ѓаконии, ракијата и виното се виде правилното димензионирање.
Салата беше пристојно голема, со висок таван, неколку лустери, тркалезни и не баш свежо исчистени. Насред кафеаната печка на дрва добро разбаботена со ќунци црни и долги што го водеа чадот низ еден од прозорците на кои окното беше заменето со плех. На челниот sид, ај погодете чии, големи фотографии на Тито и на Лазо, се разбира, над чиишто рамки имаше синџири од растеглива хартија во црвено-бело-сина боја,а која друга? Вакви синџири се протегаа од агол до агол, а спроти елка. Природна, со два-три лампиона, неколку свеќички на постолја со штипки што се закачуваа на гранките, кукла маскирана во Дедо Мраз и врз гранките парчиња вата, за доловување на снегот. Кога се запалија свеќичките од невнимание пламна и елката, на општа смеа, а нам ни беше искрено криво – го снема снежецот!
Ние бевме пикнати во еден агол под постојана присмотра на некој од веселата тајфа, кој постојано нѐ прекоруваше:само ако сте заспале. Немаше спиење во вистинската слава од високи и длабоки доброукомпонирани гласови, песни од секаде, но и подвриснувања од мајките и од тетките (тогаш бевме мали за да ја знаеме причината). На полноќ некој ги угасна светилките, паднаа честитки и неколкумина запалија прскалки – жижици како што ги викавме. Потоа се изигра партрија-две мунти 31 за да се проба среќата и фајронт.
Среќна Нова 1950 и некоја година!
(објавено во 17. број на неделникот „Република“, 28.12.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.