– Сите магистрални и регионални патишта и автопати се чисти и проодни за сите видови возила, а нема и поголеми дефекти во напојувањето со електрична енергија – изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по денешниот состанок на Координативното тело формирано за следење на состојбите со времето.
– Сите патишта се проодни, Најобилни врнежи од снег имаше на потегот од Тетово до Кичево, а врнежи од снег имаше и во други делови од Македонија, но таму снегот беше измешан со дожд. Вчера имавме и поефикасна интервенција од страна на „Македонија пат“ и приватните ангажирани лица – истакна Јанакиески.
Тој информираше дека мал испад на нисконапонската мрежа имало во општина Вевчани, но оти во моментот нема проблем со снабдувањето со електрична енергија.
– Патиштата до Вевчани се проодни. Имавме и посебни екипи кои беа сконцентрирани на регионалниот пат кој води кон Вевчани, но немаше обилни врнежи на снег така што сите граѓани кои сакаат да го посетат Вевчанскиот карневал може слободно да патуваат – додаде Јанакиески.
Мал испад на електричната мрежа имало и во преспанскиот регион, но најголем дел од населените места во моментот имаат електрична енергија, а дел од нив ќе добијат во следниот период.
– И во други кризни региони имаше многу мали испади во нисконапонската мрежа, но за неколку часови очекуваме никаде во државата да нема проблеми со електричната енергија – нагласи Јанакиески, додавајќи дека немало никакви дефекти во мрежата на МЕПСО.
Од Управата за хидрометеролошки работи за следните пет дена не најавуваат нови врнежи од снег.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.