| четврток, 6 декември 2018 |

Документарниот филм „(Вон)земјанинот Ли“ на Сашко Потер Мицевски

(Extra)terrestrial Lee 3

Краткометражниот документарен филм „(Вон)земјанинот Ли“ на Сашко Потер Мицевски е објавен на „Ју тјуб“ и истиот е достапен за гледање со превод на 14 јазици меѓу кои англиски, турски, шпански, германски, албански…

Филмот е документарен портрет на една урбана штипска легенда, Мики Ли Трајчевски, кој е познат како интергалактички посредник помеѓу штипјани и вонземјаните. Мики живее водејќи се по идеологијата на Брус Ли и зборува неколку светски јазици. Филмот ги документира навиките на овој необичен човек, ослободен од незначајноста на материјалните нешта.

– (Вон)земјанинот Ли“ во ноември доби награда за најдобра монтажа на документарен филм на фестивалот  во Делхи, Индија а досега беше прикажан на повеќе интернационални фестивали меѓу кои оние во Франција, Полска, Црна Гора и на македонските фестивали „Македокс“, „Браќа Манаки” и Скопје Филм фестивал.

Филмот е вклучен во програмата “Пост ЈУ црни талас документарног филма“ што реализира проекции на вклучените филмови во сите поголеми градови на територијата на бивша Југославија.

Документарениот филм е дипломска работа на Сашко Потер Мицевски, кој е режисер и монтажер на филмот. Директор на фотографија е Наум Доксевски, а извршен продуцент Илија Циривири. Филмот е во продукција на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, а воедно е и поддржан од продукцијата Квазар Филм.

Сашко Потер Мицевски е дипломиран монтажер на катедра за Филмска и ТВ монтажа на Факултетот за Драмски уметности во класата на проф. Димитар Грбевски и Лазар Секуловски, а оваа година своите постдипломски студии ги продолжи на национаната филмска и телевизиска школа во Англија (National Filmand Television School) во Англија, на катедра за дизајн на звук за филм и ТВ.

Моментално работи на нов документарен филм со работен наслов „Сите ќе умреме“, кој започнува со снимање овој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top