Македонскиот кошаркарски шампион на Македонија МЗТ Скопје се враќа од гостувањето кај Шолнок со голема победа од 76-73 во АБА лигата која значи враќање на самодовербата во тимот и кај сите симпатизери на овој тим.
По лошите игри од почетокот на сезоната, со промена на дури три тренери и осум играчи се чини дека досегашниот помошник тренер Александар Јончевски на кого ова му беше деби во кариерата да биде прв тренер полека се спојуваат коцките кај сините од Аеродром.
Младиот тренер одлично ја водеше екипата во текот на целиот натпревар и со едно од најсилните оружја, шутот од далечина да се врати во препознатливата форма од минатите сезони во јадранската лига.
Предноста од 12 поени разлика во првиот период (30-12) од кои дури пет тројки, се чини беше пресудна за победата иако завршницата од натпреварот беше сосема неизвесна.
Повторно реализацијата од слободни фрлања можеа да бидат кобни за „металците“, но присебноста во скок играта под двата обрача им го донесе шестиот триумф оваа сезона кој значи одлепување од дното на табелата.
Повратникот во екипата Стефан Синовец во самиот финиш промаши три од четирите слободни фрлања, но присебноста на Цветковиќ и Класен со офанзивни скокови значеше и конечна победа.
Во продолжението од сезоната се очекува токму Синовец да биде тој што ќе го предводи тимот до нови победи како што тоа умееше да го прави во минатата, освојувајќи двојна круна за тимот од Аеродром.
Урош Лучиќ со 20 поени и Сеад Шеховиќ со 14 поени беа најефикасни во тимот на МЗТ Скопје, додека Џонс со 19 кошеви беше најистакнат стрелец во составот на Шолнок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


