Без пауза, без време за рехабилитација од тешкиот, според начинот на кој беше доживеан во нашиот табор и во овдешната јавност, пораз од Исланд, македонската машка ракометна репрезенатција денеска одново е на мундијалски мегдан. Во четвртиот круг од групата Б на 23. Светското првенство, во арената Сан Пабло во Севиља од 15 и 45 се среќаваме со Русија, во намера да им се вратиме на победите, да создадеме и да учествуваме во круг со повеќе селекции кои до крај ќе се борат за второто место на табелата од групата Б.
Во реакциите по првата загубена средба во Шпанија, потсетуваме синоќа беше 23-19 за Исланд, сите од нашиот табор признаваат дека имавме исклучително лош настап особено во нападот каде бевме задржани на граница, која не ни дозволи да се надеваме на успех со противникот кој останува доминантен во меѓусебните, со деветта победа во 11 средби.
–Сами се победивме, но главата горе, повторно се од нас зависи. Имавме тешки моменти и во Србија, па се извлековме, можеме и сега преку Русија-рече вчера по средбата видно депримираниот капитен Кире Лазаров.
Дуелот со Русите треба да е нешто сосема друго, во нашиот табор се надеваат, сосема поразлично, можеби и токму поради традицијата на добри партии со Зборнаја во минатото, но останува и фактот дека Русите го победија убедливо Исланд на стартот на шампионатот со 30-25.
Покрај нашиот меч денеска во Севиља играат и Чиле-Катар од 18 и Данска-Исланд од 20.15. Данците ги освоија сите 6 бодови и водат, ние, Исланд и Русија имаме по 4, а Катар и Чиле се без освоени поени.
Денеска настапуваат и селекциите во групата А во Гранољерс, а двојките се: Бразил-Тунис, Германија- Црна Гора и Франција- Аргентина, додека членовите на составите Ц и Д имаат слободен ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.