
Муслиманските здруженија во Германија веднаш и остро го осудија нападот извршен од осомничените исламисти врз редакцијата на францускиот сатиричен „Шарли ебдо“ и сега сакаат да организираат протести против тероризмот.
Заедно, муслимански и секуларни организации на мигранти планираат да спроведат протест против тероризмот, за слобода, соопшти генералниот секретар на ДИТИБ (Турско-исламската унија за религиозни работи), Бекир Албог за германски „Шпигел“.
– Нема да дозволиме тие демагози и екстремисти од која било страна да ни ја одземат демократијата што ја имаме овде – изјави Албог.
Нехуманиот напад на редакцијата на весникот ќе биде повод за утрешната молитва во џамиите во Германија, соопшти претседателот на централниот совет на муслимани Аиман Мазјек за Шпигел.
Вчера, веднаш по нападот Мазјек изјавил дека во секоја религија тие што ги оправдуваат таквите акти се само фракции.
– Денес не беше одмазден пророкот, туку беше предадена нашата вера и муслиманските вредности беа потопени во најдлабоката кал – рекол тој.
Турско-исламската унија за религиозни работи ДИТИБ го оцени нападот како напад на човештвото.
– Беше насилен и сосема неприфатлив – се вели во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


